Во среда и четврток третирање против крлежи

Зависно од временските услови, во среда и четврток неделава предвидено е третирање на зелените јавни површини во градот, како мерка во борба против крлежите, информираат од Општина Куманово.

Цел на ваквиот третман е спречување на ширење заразни болести каде како вектори се јавуваат истите. Сите третирани површини ќе бидат видно обележани. Не се препорачува подолг прeстој на третираните површини како за луѓе, така и за животни, особено во периодот непосредно по извршен третман, посочуваат надлежните од секторот за инспекциски надзор.

-Тоа е есенски третман, ние направивме како општина Куманово пролетен третман сега го вршиме есенскиот. Препораки за граѓаните е да во тие два дена да не ги водат своите миленици на тие зелени цветни површини поради нивна безбедност. Општина Куманово по препорака од Центар за јавно здравство ги врши превентивите кои што треба да се завршат , така што нема пријави за такво нешто, а крлежите се преносници на разни болести, два пати годишно се прска , на пролет и на есен, изјави Гордан Таневски, Сектор за инспекциски надзор- Инспекторат

Освен инспекторите и лекарите препорачуваат граѓаните да бидат претпазливи при престој во природата бидејќи крлежите најмногу ги има во трева, а истите многу почесто се лепат на животните. Надлежните велат дека крлежите може да бидат преносители на заразни болести, но објаснуваат  дека повеќето од кржелите кај нас не се заразни и ретко се случува да има некоја посериозна последица по здравјето на каснатиот. Релативно крлежите не носат заразни болести , но за секој случај пациентите се испраќаат на инфективно одделение каде што пациентите ги добиваат потребните совети.  Во случај на каснување од крлеж, задолжителна е антитетанусна заштита, потенцираат лекарите.

Инаку, се препорачуваат и неколку  корисни совети што смеат граѓаните да прават,  а што не смеат во случај на убод од крлеж доколку сакаат самите да го извадат од телото. Првин превентивно се советува да се направи самопреглед по одредено поминато време на зелена површина.

Задолжително да се соблече целата облека и да се провери секој дел од телото пред огледало.  Доколку се забележи каснување од крлеж, со обична пинцета може да се извлече  крлежот кој не е многу длабоко навлезен во кожата. Важно е да се користат лесни и смирени движења, за да не се оштети телото. За да се направи тоа попрецизно може да се користи и лупа.

Ако веќе се одлучите сами да го извадите крлежот, мора да внимавате да ја извадите и главата. Таа не смее да остане под кожа затоа што на тој начин може да дојде до зараза. Најдобро е да си помогнете со дезинфицирана игла или да побарате совет од лекар пред да дојде до тоа.

Никогаш не го премачкувајте крлежот со алкохол или масло или пак да го палите затоа што сте слушнале дека така треба. Неговата ненадејна смрт ќе предизвика празнење на телото и така лесно ќе се пренесе заразата, ако веќе ја има во него. И на крајот , крлежот никогаш не смеете да го допирате со голи раце, дури и откако ќе го извадите. Местото задолжително намачкајте го со антисептик. Во следните неколку часа следете ги сите промени на телото и можните симптоми.

Коментари

коментар(и)