В среда седница на Советот на Општина Куманово

Советот на Општина Куманово в среда следната недела ќе одржи редовна седница на која според доставениот дневен ред ќе се расправа за 83 точки. Првите десетина точки се однесуваат на извештаите за финансиско работење и предлог-годишен план за вработување во кумановските јавни претпријатија, „Куманово-паркинг“, „Водовод“, „Чистота и зеленило“, „Куманово-гас“, „Куманово- план“, „Пазаришта“. Советниците ќе дискутираат и за предлог – годишниот план за вработување во 2022 година во библиотеката „Тане Георгиевски“ и во домот за стари лица „Зафир Сајто“ , а ќе се бара согласност од советниците за детската градинка „Ангел Шајче“ да може да има поголем број на деца во воспитните групи.

В  среда на дневен ред ќе се најде и кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Куманово за II квартал од годинава, но и предлог – одлуката за давање согласност на предлог – годишниот план за вработување во Општина Kуманово за 2022 година.

Пред стартот на учебната година, советниците ќе расправаат и за годишните извештаи и програма за работа на средните и основните училишта во Куманово, но и за предлог- вработувањата во дел од училиштата.

Коментари

коментар(и)