Големата „врева“ во врска со резолуцијата за Сребреница

Владимир Ѓорѓевиќ

Svetomir Skaric 400x500

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

Последниот потег на официјална Подгорица, со којшто црногорскиот парламент усвои резолуција за Сребреница, наречена акт на геноцид, донесе низа несакани реакции од Белград. Не само што српските власти категорично ја отфрлија оваа резолуција туку, како што се очекуваше, отидоа и чекор понатаму, обвинувајќи еден дел од црногорската политичка елита за антисрпски и користејќи притоа мошне игнорантски вокабулар. Со тврдењето дека „резолуцијата се обидува да ја стигматизира целата српска нација“, српскиот министер за надворешни работи Селаковиќ посочи дека политичките елити во Белград сметаат оти резолуцијата на Подгорица е многу несоодветна, нарекувајќи ја истовремено „лицемерна и цинична“.

Нема сомнение дека потегот на Подгорица ќе доведе до дополнителни проблеми во односите помеѓу Црна Гора и Србија, коишто веќе со години се под нивото што го заслужува заедничката историја на овие земји, и покрај сите мошне популарни разговори за наводни братски врски меѓу овие држави. Тука мора да го спомнеме и контекстот: изборите во Црна Гора минатата година беа под значително влијание на Српската православна црква, и тоа во врска со прашањето на верските слободи и тогашниот неславен Закон за слобода на вероисповед и верување и правен статус на верски заедници, што значи дека меѓусебните односи и понатаму ќе останат деликатни.

Црна Гора и понатаму е внатрешно поделена околу овие наведени прашања и овој последен потег на Подгорица нема да придонесе кон олеснување на тензиите. Ќе бидеме сведоци, за жал, на продолжување на политичките пресметки меѓу државите, цената за тоа ќе ја плаќаат граѓаните, а тензиите во регионот ќе се зголемуваат. Овој настан укажува на тоа дека иднината на добрососедските односи и понатаму е неизвесна затоа што, како што може да се види веќе повеќе години наназад, „караниците во врска со минатото не се начин за градење на иднината“.

Целата приказна се чини дека е особено загрижувачка затоа што српските политички елити и понатаму гледаат на сите дискусии поврзани со Сребреница (читај: поврзани со геноцид) како на антисрпски наративи. Оттука, тие сметаат дека ваквите постапки се наводно припишување колективна вина врз Србите. Во стварноста, резолуцијата укажува на потенцирање на одговорноста на поединците кои учествувале во геноцидот. Ова е многу политички чувствително прашање за Србија и за Црна Гора, бидејќи резолуцијата може дополнително да ги продлабочи постојните проблеми со идентитетот во земјата и да доведе до нова политичка криза што ќе го зафати целиот регион.

Нема потреба Белград да го отфрла прашањето за колективна вина…

… кога спомнатата резолуција не ни прави такви претпоставки. Во таа смисла, резолуцијата нема за цел да поттикне омраза кон Србите, ниту да ја доведува во врска целата српска нација со геноцидот. Наместо тоа, резолуцијата, како што рече Давиде Сасоли, претседател на Европскиот парламент, претставува „важен чекор напред во помирувањето на Балканот, што е во согласност со европските вредности“. Оттука, резолуцијата „која го осудува геноцидот во Сребреница и го забранува неговото негирање е голем исчекор во насока на прифаќањето на вистината за настаните што се случија во 90-тите години и претставува основа за понатамошно воспоставување доверба и градење подобри односи меѓу државите и народите на Балканот“.

Сепак, Белград продолжува да го третира ова прашање од навидум морална, но, во суштина, длабоко практична гледна точка што е поврзана со домашната политика. Така, српските политички елити, од кои некои беа мошне гласни уште во 90-тите години и имаа радикални ставови за распадот на Социјалистичка Југославија, гледаа на прашањето за Сребреница како на прашање на претпоставена морална борба на српската нација.

Жена чита книга на гробишта

Извор: dailysabah.com

Во реалноста, сепак, елитите се обидуваат да се заштитат самите себе користејќи го за тоа ова прашање преку кое, наводно, ги заштитуваат „националните интереси“, а целта е да обезбедат доволно „патриотски“ гласови на следните избори. Со истакнување на фактот дека Меѓународниот суд на правдата (МСП) „ја ослободи Србија од директна одговорност за акти на геноцид во Босна и Херцеговина во периодот помеѓу 1992 и 1995 година“, политичките елити во исто време не успеваат да ја прифатат или да ја признаат одговорноста на државата дека таа не делувала доволно за да се запре спомнатиот геноцид.

Затоа, тие се впуштија во политизација на минатото што, краткорочно, носи придобивки (читај: гласови), но на долг рок е штетно за регионалните односи. Политичките елити и понатаму го отфрлаат геноцидот и истовремено испраќаат јасна порака до своите гласачи (и до меѓународната заедница) дека помирувањето во врска со спомнатото прашање и понатаму е табу-тема во Србија, при што повеќе се одлучуваат за гласови отколку за соочување со минатото. И покрај тоа што овој пристап навистина е исплатлив за политичките елити веќе многу години, тој сепак е мошне проблематичен кога станува збор за регионалните односи. Доколку не постои консензус за прашањето за Сребреница на регионално ниво, тогаш е невозможно да се воспостават добри и соседски односи помеѓу земјите од Западен Балкан, што на крајот го доведува во прашање и пристапувањето на Србија кон ЕУ.

Уште повеќе, отфрлањето на геноцидот исто така ќе овозможи појава на бројни националистички дискурси во Србија кои исто така го негираат геноцидот (а истото може да се каже и за Република Српска), бидејќи „Србите се жртви кои се жигосани од светот“. Ваквата состојба не изгледа дека би можела лесно да се промени, бидејќи бара преземање одговорност „за тоа српската држава да признае евентуална вина. Ова ќе биде возможно само преку радикална трансформација на српското општество“, што, жал ми е што морам да кажам, не може да се случи ако политичките елити не даваат свој личен пример во оваа смисла.

Притаена политичка криза во Црна Гора…

…несомнено ќе произлезе од спомнатата резолуција, која повторно во фокусот го става актуелниот претседател Ѓукановиќ. Неговата партија ДПС доби сила неодамна со коалициската влада во криза, предизвикано од усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во црногорскиот Парламент. Според тоа, ДПС би можела да биде подготвена за нов почеток и за евентуално враќање на политичката сцена доколку се одржат избори наредниве месеци, кои, без оглед на тоа што ќе се случи, дефинитивно ќе бидат бурни. Една работа е сигурна: прашањето за идентитетот во Црна Гора, кое главно произлегува од сопствено идентификување или како Србин или како Црногорец, во етничка, културна и јазична смисла, ќе продолжи да биде влијателно во политиката на државата во наредниве месеци (и сосема веројатно, во наредниве години). Ова прашање дополнително ќе ја искомплицира политиката во Црна Гора, на што можевме да бидеме сведоци во последниве три децении, истакнувајќи ги оние „критични периоди во поделбата помеѓу државноста и идентитетот во Црна Гора“.

Ваквиот тек на настаните е исто така покана за Српската православна црква повторно да влезе во политиката на Црна Гора со цел повторно да биде доминантна во неа. Српската православна црква беше многу активна на минатогодишните избори на кои заврши 30-годишното владеење предводено од ДПС, поддржувајќи го спротивставувањето на владеењето на Ѓукановиќ. Сето ова несомнено ќе влијае врз односите на Црна Гора со Србија и ќе ги комплицира мошне деликатните и незгодни односи меѓу двете земји.

Иднина на поделби

Сведоци сме на мошне возбудлив развој на настаните во овој регион, имајќи ги предвид работите кои ги спомнавме претходно. Од една страна, Црна Гора е јасно на пат што води кон иднина која ќе биде мошне комплицирана. Резолуцијата доведе до раздор со Србија на регионално ниво и повторно ја разгори децениската дебата за идентитетот во Црна Гора. За жал, ДПС, како партија која има суверенистички фокус и која беше на власт 30 години, како и опозициските партии кои влегоа во коалиција минатата година, никогаш не успеаја да ѝ понудат на Црна Гора соодветен граѓански политички идентитет.

Ова ја остави земјата заклучена во маѓепсан круг на едно неединство и доведе до „поларизирано општество“, кое се чини дека „тоне сè подлабоко во меѓусебни поделби“. Оттука, резолуцијата за Сребреница не само што ќе ги зајакне поделбите во Црна Гора туку и понатаму ќе биде точка на отуѓување поради која Србите и Црногорците во оваа мала земја на бреговите на Јадранското Море ќе бидат уште поподелени. Без домашни политички чинители кои се способни и подготвени да ѝ понудат на Црна Гора граѓански пат кон ЕУ, се чини дека оваа земја ќе остане заглавена во минатото и ќе се справува со старите поделби, наместо да делува како земја кандидат за ЕУ и да поставува стандарди за другите држави во регионот. Ова однесување не треба да се очекува од земја која честопати е означувана како регионален предводник во пристапувањето кон ЕУ.

Од друга страна, Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома. Тие се крајно незаинтересирани вистински да градат добрососедски односи, освен ако дискусијата и рамката за тоа не исклучат какво било спомнување одговорност на српската држава за она што се случило во конфликтите во поранешна Југославија во 90-тите години. Ова значи дека српските националистички дискурси и понатаму се одржуваат во живот и, за жал, несреќно се враќаат секогаш кога е тоа потребно.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Коментари

коментар(и)