Голем интерес за бесплатните превентивни прегледи на Здравствен дом

Голем интерес од граѓаните за денешната акција за бесплатни прегледи на крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта организирана од Здравствен дом Куманово. Кумановци случајно или веќе информирани за бесплатните прегледи утрово од 08 до 10 часот ги направија превентивните проверки, а во меѓувреме некои од нив добија и совети за понатамошно лекување. Акцијата се спроведе на паркингот кај зелениот пазар.

-Има голем интерес за акцијата. Дел од граѓаните веќе имаат хронична терапија, им дадовме совети како да ја пијат терапијата, совети во однос на високите температури, ги советувавме да бидат внимателни, да не излегуваат на сонце во текот на денот и покрај редовната терапија, да пијат и повеќе течности, изјави д-р Монализа Мемети, Здравствен дом Куманово

Кумановци ги поздравуваат ваквите акции на Здравствен дом со апел до надлежните да се организираат почесто и во помалите населени места.

-Случајно дознав за бесплатните прегледи, поминувајќи покрај пазарот. Проверив шеќер, крвен притисок и холестерол. Бидејќи имам висок крвен притисок примам редовна терапија, а овде докторката од Здравствен дом ме посоветува како полесно да ги поминам летните горештини, редовно да ја пијам веќе препишаната терапија и слично, изјави анкетиран граѓанин.

Бесплатни прегледи на крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта на отворен простор ќе се организираат и во наредниот период, посочуваат од Здравствен дом.

 

Коментари

коментар(и)