Голем интерес за земјоделско државно земјиште под закуп

Голем е интересот на земјоделците од Куманово, Липково и Старо Нагоричане за јавниот повик за доделување на земјоделско земјиште  во државна сопственост под закуп до три хектари, информира раководителот на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството, Џабир Рамадани. Според повикот, понудата се доставува за земјоделско земјиште на кое нема подигнато долгогодишни насади и кое во катастарот на недвижности е запишано со катастарска класа 3,4,5,6,7 и 8. Право на учество имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.

Право на учество на јавниот повик немаат лицата кои ги немаат подмирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост и даночни обврски и придонеси.

-Актуелен е јавниот повик 01 /21 кој е за доделување на земјоделско земјиште под закуп до три хектара. Тука има голем интерес, многу луѓе доаѓаат. Имајќи предвид дека пред две години имаше ист ваков јавен повик до три хектара па беше поништен повикот, а луѓето веќе ги имаа подготвено и елаборатите и сите останати документи и сега повторно конкурираат претежно за истите земјишта за кои конкурирале порано, но и за нови. Има интерес, луѓето сакаат да земаат земјиште под закуп, сакаат да работат, сакаат да ја прошират земјоделската дејност, некои имаат сточарство па им треба земјиште за сточна храна, некои сакаат да произведуваат, некои сакаат да се прошират со подигнување на овошно насади, некои за житни култури. Очекуваме уште поголем број на луѓе последните денови зашто кај нас секогаш луѓето оставаат за последните денови, некои доцнат поради документи од УЈП, подрачна единица од министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, имотни листови, изготвување елаборати, изјави Џабир Рамадани, раководител на Агенција за поттикнување на развој на земјоделство во Куманово

За разлика од повикот за државно земјиште, според Рамадани, послаб е интересот за добивање на финансиска поддршка од ИПАРД 2, мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, иако рокот за пријавување беше продолжен за дополнителни 15 дена. Од досега аплицираните, најголем интерес има за пчеларство, посочува раководителот.

-Интересот е среден, не можам да кажам дека има добар интерес, меѓутоа има луѓе, има земјоделци, има фирми кои се заинтересирани. Ние како Агенција за поттикнување на развој на земјоделството,  кај нас обично се јавуваат луѓе кои се заинтересирани за пчеларство претежно бидејќи и пчеларството е опфатено во мерка 7. Има доста пчелари кои што веќе аплицираа, други подготвуваат документи и мислам дека ќе има доста земјоделци кои ќе аплицираат од сите три општини, Куманово, Липково и Старо Нагоричане, изјави Рамадани.

Комплетната документација заедно со барањето за финансиска поддршка од ИПАРД, заинтересираните ќе може да ги достават до 06 септември годинава.

На овој повик на располагање се над 13,5 милиони евра.

 

Коментари

коментар(и)