ГРОМ: Општината да го осветли градот

До локалната власт ништо не допира, ниту критики ниту пофалби и предлози, а најмалку замолници, но ние ќе продолжиме да укажуваме, истакнаа од општинската организација на ГРОМ. Тие го поздравија поправањето на ударните дупки низ градот, нагласувајќи дека тоа ќе го направи побезбедно движењето на граѓаните. Но посочија дека мора да се води сметка за квалитетот, за да не се случи како минатата година исти дупки да се крпат неколкупати.

-Првата замолница се однесува на шеталиштето на градскиот кеј каде што светат само неколку сијалици. Па ајде што чекате осветлете го тој простор, па срамота е граѓаните плаќаат за тоа да се шетаат по осветлени патеки. Да ве замолиме да ставите барем една сијалица на улицата Ѓорче Петров на угорнината од маркетот Туш кон населбата Банево Трло, а исто така и на потегот од раскрсница на улиците 3 МУБ и Б.Б. Гуцман кон локалитетот Стара бања, каде што е „ќор темнина“-истакна Зоран Петрушевски од ГРОМ.

Од ГРОМ побараа локалната самоуправа на сите граѓани кои што беа членови на избирачките одбори на минатите локални избори, да им се исплатат со закон, одредените парични средства за работниот ангажман.

-Ако веќе Републичката агенција за патишта го осветлува влезот во Куманово од страна на регионалниот пат Крива Паланка-Куманово еве вие барем означете го со една табла влезот во Куманово. Неколку месеци не функционира канализационата мрежа во населбата Бедиње од десната страна на патот кон Лопате. Поправете го тој квар помогнете им на тие луѓе, па греота е и срамота е да се дават во таа влага и смрдеа-додаде тој.

Од ГРОМ се надеваат дека нивните предлози и замолници ќе бидат слушнати и правилно разберени.

 

Коментари

коментар(и)