Девојче се удавило во водите на кумановска Стара бања

13 годишно девојче од Куманово вчера се удави во базенот со лековита вода познат како кумановска Стара бања. Лекар  од Итна медицинска помош само констатирал смрт кај давеничката. Телото на девојчето е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје , со што ќе се утврди причината за смртта.

Како што соопшти МВР, девојчето околу 15.30 часот дошло со уште две другарки да се капе во базенот. Откако влегле внатре таа скокнала во базенот по што нејзините другарки забележале дека почнала да се дави. Веднаш го извлекле девојчето надвор и се обиделе да и пружат прва помош. Повикале и Итна помош, но кога пристигнала медицинската екипа детето  не давало знаци на живот. Случајот во полицијата го пријавила медицинска сестра од Итна помош околу 15 часот и 45 минути. Таа пријавила дека во „Стара бања“ поточно пред базенот има непознато женско дете кое што е починато. Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Куманово, а денеска се земаа и мостри од водата во базенот.

Семејството на малолетничката во кумановската населба Перо Чичо се уште во шок и во очекување на телото денеска не беше во состојба да разговара за несреќата што ги снајде вчера. Најљубезно не замолија да ги оставиме на само со својата болка.

Инаку, комплексот Стара бања веќе неколку години е напуштен и руиниран. Вратата и прозорците се скршени така што секој на своја одговорност може да влегува внатре.

Во 2012-та година приватна фирма од Куманово добила концесија за термоминералната вода во комплексот. Но, како што тврдат од фирмата одобрение за градење односно рестартирање на базенот добиле  во петок, на 27.јули, така што денеска е првиот ден кога фирмата започнува со работа на терен, изнесување на отпад и смет од комплексот. Директорот на фирмата денеска тврдеше дека не биле известени за случајот, ниту пак забележале дека нешто се случувало во базенот.

Коментари

коментар(и)