ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО ЦРНА ГОРА: ПРОПАГАНДА И(ЛИ) ЛОВ НА ПОГОЛЕМА ЗАРАБОТКА

ТАМАРА ЧУПАЌ

 

Медиумите не би требало да користат туѓа мака за да добијат неколку прегледи или „шерови“ повеќе. Новинарите особено би требало да внимаваат фактите и информациите да ги ставаат во правилен контекст кога известуваат.

Војната во Украина го стави на тест целиот свет, па со самото тоа и медиумите, односно известувањето. Како во светските, така и во црногорските медиуми можеше (и може) да се прочита лажна содржина или барем дезинформации во врска со војната во Украина. Секогаш е неблагодарна состојбата да се биде помеѓу, да не се зазема страна. Меѓутоа, да се земе предвид и едната и другата страна, да се биде објективен, реално да се согледуваат нештата – тие нешта се клучни кога новинарството е во прашање.

И во Црна Гора, како и во сите други земји, присутна е поделба на медиумите. Kатегоризацијата на опозициски медиуми и тие што се до власта, што во основа важеше до смената на власта во 2020 година, по војната во Украина е „преименувана“ во прозападни и во проруски медиуми.

Иако таа поделба всушност е отсекогаш присутна, поедини медиуми во земјата сепак донекаде им се спротивставуваат на тие две колони. Меѓутоа, имаме медиуми што отворено ја поддржуваат едната, односно другата страна. А тоа, ако е за утеха, не е случај само кај нас.

Две страни на пропагандата

Како и секој судир, т.е. војна, и оваа е обележена со пропаганда, лажни информации, полуинформации. На почетокот на војната, во некои црногорски медиуми се појави информација дека украинскиот претседател, Володомир Зеленски избегал од земјата, што брзо беше обелоденето како неточна информација. Верувам дека целиот свет можеше да види/слушне за 11-годишно момче што само ја минало границата помеѓу Украина и Полска. Меѓутоа, и тоа брзо беше оценето како неточно.

Уште една од неточните вести беше дека украинска „Мис“ зела пушка в раце. Лажна вест дека Авалската кула во Белград свети во боите на руското знаме се појави и во еден црногорски медиум, проследена со тенденциозен наслов. И текст во којшто се тврди дека Општина Жабљак ѝ понудила финансиска помош на Украина, изобилува со дезинформации и беше демантирана од претседателот на таа општина, Веселин Вукиќевиќ.

Тој појасни дека станува збор за ослободување од плаќање такса за престој за раселени од Украина, а којашто по човек, на дневно рамниште, изнесува 0,80 евра во приватно и едно евро во хотелско сместување.

Со преглед на медиумите што ги објавија наброените неточни вести или дезинформации, може да се види дека во основа станува збор за медиуми што во Црна Гора се препознаени како проруски или проамерикански (коишто во оваа ситуација се идентификуваат со украинската страна), односно нескриено определени за едната или за другата страна.

Речиси не постои сомнеж дека овие медиуми свесно бираат „попривлечни“ наслови за да соберат повеќе прегледи. Може и да се каже, со оглед на „бекграундот“ на тие медиуми дека, за жал, се согласуваат да бидат пропагандно гласило на едната или на другата страна во оваа војна. Медиумите со поголем углед повнимателно ги филтрираат информациите, ретко или речиси никако шират пропаганда, не користат бомбастични наслови и нагласување на одредени информации при известувањето.

Извор: pixabay.com

Освен спомнатите неточни информации, во Црна Гора најголема полемика во јавноста се создаде околу наводно праќање војници на Црна Гора во Украина, односно манипулирањето со таа информација. Имено, седница на Советот за одбрана и безбедност беше закажана по повод обврските што произлегуваат од членството на Црна Гора во НАТО поради состојбата во Украина, но седницата сепак не беше одржана поради неисполнување услови.

Од една страна, вршителот на должноста претседател на Собранието, Страхиња Булајиќ рече дека како човек и политичар е против праќање црногорски војници надвор од границата на Црна Гора, како и дека војската не треба да учествува во какви било офанзивни воени акции, по што ја напушти седницата.

Црногорското Министерство за одбрана, од друга страна, соопшти дека воопшто не се дискутирало за тој предлог и истакна дека, имајќи го предвид фактот дека Украина не е членка на НАТО, тоа значи дека сили на Алијансата нема да бидат распоредувани на територијата на таа земја, што беше нагласено и од официјални лица од Алијансата.

Појаснето е дека предлогот се однесувал на упатување припадници на Војската на Црна Гора (ВЦГ) во составот на силите на НАТО за спроведување активности како одговор на криза, како и за националните ограничувања на припадниците на ВЦГ во текот на ангажираноста во состав на силите.

Помеѓу братска Русија и НАТО партнерот

Верувам дека војната во Украина, како и во повеќето држави, ја подели јавноста главно на две страни. Плашењето и емотивните манипулации од политичари, а коишто повторно се пласираат преку медиуми, дека „братска“ Русија секогаш била до православниот народ, или од друга страна „гледате што би можело да биде ако не влезевме во НАТО, што би правеле без партнерите од Алијансата“ секогаш се покажуваат како најисплатливи, а воедно се најбезбеден пат партиите да го зацврстат бирачкото тело.

Токму низ тие две перцепции, во зависност од личните ставови, поединецот создава слика за случувањата во Украина. Да потсетам дека и Подгорица е еден од оние градови во коишто се одржани собири за поддршка и на Украина и на Русија.

Да не се долева масло на оган

Најчитаните црногорски медиуми донекаде се трудат во текстот да ја почитуваат и едната и другата страна. Но, некои медиуми што важат за доминантно проруски, односно проамерикански, како што веќе спомнав, намерно истакнуваат, нагласуваат или намалуваат факти при известувањето. Токму поради тоа, слободно можам да кажам, потребно е да влезете на повеќе „спротивставени“ странски портали за да склопите една пристојна информација, ако целта ви е вашиот читател да биде објективно информиран.

Не треба да се трча „на прва“ и да се пренесуваат „жестоки“ информации, во овие воени (лоши) околности тоа е нешто битно во медиумите.

Со оглед дека порталите станаа најлесно достапно средство за информирање на просечниот граѓанин, потребно е да се преиспита дали брзината на објавувањето информација, објавувањето по секоја цена, да се цели кон поголем број прегледи, кон поголема заработка, треба да имаат предност над вистинитото, непристрано и одговорно известување, особено во воени времиња.

Поголем број фактори влијаат врз севкупната слика и довербата во определен медиум, но ако се стремиме кон тоа, секогаш би требало да ги земеме предвид и едната и другата страна, да мислиме со студена глава, да ги почитуваме основните постулати на новинарството.

Сето тоа е клучно за новинарите и може да придонесе за поголемата цел – безбедноста на општеството, на државата, но на крајот и на регионот. Во вакви состојби, во коишто на една држава, покрај стабилна влада, насушно ѝ е потребно одговорно известување, не може да се намали и несомненото влијание од медиумите кон општеството.

Медиумите не би требало да користат туѓа мака за да добијат неколку прегледи или „шерови“ повеќе. Новинарите особено би требало да внимаваат фактите и информациите да ги ставаат во правилен контекст кога известуваат. Во медиумите често може да се слушне дека Балканот и понатаму е „буре барут“, а само со одговорно известување новинарите на ова подрачје можат да придонесат за стабилноста и колективниот мир.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Коментари

коментар(и)