Делумен бојкот на наставата во училиштата (ВИДЕО)

Во неколку училишта денеска во прва смена имаше делумен бојкот на наставата.

Бојкотот на наставата е инициран првично од фејсбук групата „Учебници и настава мора да има” која апелира до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или бојкот на онлајн наставата  да изразат незадоволство од најавените реформи односно дигитализација на учебниците.

Надлежните од општина Куманово информираат дека наставата во прва смена се бојкотира само делумно односно во три училишта. Во средното училиште „Перо Наков“  43 ученици утрово не следеле настава, во основното училиште „Вук Караџиќ“  петнаесет ученици ја бојкотирале наставата, а во „Крсте Мисирков“ – 340 ученици.

Директорот на основното училиште „Крсте Мисирков“,  Александар Јовановиќ ги повикува родителите да ги пуштат децата на настава, а своите барања официјално да ги достават до училиштето кои што потоа ќе бидат проследени до МОН.

– Денеска во училиштето има делумен бојкот на наставата, од вкупно 1038 запишани ученици 340 ученици не посетуваат настава. Легитимно право е на секој родител да си одлучи дали ќе го пушти своето дете на настава бидејќи станува збор за малолетни ученици. Прво што направив денеска -стапив во контакт со претседателот на Советот на родителите да иницира итен состанок онлајн на кој ќе дадат едно мислење или ќе дадат нивно видување во однос на дигитализација на учебниците,а ние како училиште ќе го проследиме до МОН. Мое видување е дека учениците треба да посетуваат настава, а сето она што родителите сакаат да преземат понатаму да биде официјално до училиштето доставено, а ние како училиште потоа треба да преземеме чекори согласно нивните решенија. Ги повикувам родителите да ги пуштат децата на настава бидејќи со ова се прават дополнителни проблеми покрај ковид кризата, изјави Александар Јовановиќ, директор на ООУ „Крсте Мисирков“ .

Групата „Учебници и настава мора да има“ најави можност и да организира протести, доколку не се стопира носењето на Закон за учебниците, што како предлог Владата го усвои на крајот од минатиот месец и доколку претходно не се организира јавна расправа во која ќе учествуваат и претставници на групата.

Од Министерството повеќе пати апелираа да нема бојкот на наставата објаснувајќи дека од конкретната реформа за дигитализација на учебниците никој нема да има штета и дека тоа не значи дека печатените учебници се исфрлаат од употреба.

Коментари

коментар(и)