Ден на жалост во Куманово

Во Куманово денеска е ден на жалост по повод трагичната несреќа во Романовце во која по експлозија на плинска боца загинаа три деца, а подоцна на повредите им подлегна и 58-годишен маж.
Вкупно беа повредени седуммина кои што поради сериозноста на повредите веднаш беа префрлени на лекување на скопските клиники, а дел од нив се уште се во тешка здравствена состојба.
Знамињата се спуштени на половина копје, а одложени се културните, спортските и забавните манифестации.
Одлуката за прогласувањето на 25 февруари за Ден на жалост вчера едногласно ја донесоа советниците на вонредна седница на Советот на општина Куманово.

– Сакам да ја искажам намерата на општината и на граѓаните бидејќи во овие моменти сите сме сплотени без разлика на својата етничка, верска и политичка припадност дека сите сме заедно со овие семејства и стоиме на располагање да помогнеме во секој момент и институционално, но и вонинституционално за да колку толку им ја ублажиме болката и на членовите на семејствата, а воедно и на сите кумановци бидејќи сепак се работи за еден не секојдневен настан кој што не само што не растревожи сите туку првенствено не подосвестува да видиме каде сме тоа ние во овие турбулентни времиња каде што од елементарна невнимателност, а можеби и пропусти во делот на она што значи безбедносна употреба на различен тип на апарати се доведуваме и изложуваме самите себе си, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Градоначалникот Максим Димитриевски и Советот на општината најавија помош за семејствата Алими и Сакипи во рамките на законските можности.

Коментари

коментар(и)