Голем интерес за детската ликовна работилница во Центарот за култура

Триесетина деца денеска беа дел од ликовната работилница што ја организираше Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Ниту топлото време не ги премисли младите таленти можеби и идни академски сликари да дојдат во фоајето на Центарот за култура и својата фантазија креативно да ја претстават на цртеж.

„И оваа работилница, како и претходно реализираните пробуди голем интерес кај децата. Овие се тие работилници кои ги одржуваме веќе неколку години. И на оваа работилница децата сликаа, цртаа цртежи и мислам дека направивме успешна работилница и годинава и сигурно до крајот на годината ќе организираме уште една работилница. Од секоја ликовна работилница произлегуваат по неколку цртежи кои навистина според уметниците кои што ги имаме во Центарот за култура им даваат високи оценки за креираното“, вели директорот Сашо Тодоровски.

Активностите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ продолжуваат и наредните денови.

Утре, во малата сала на Центарот за култура со почеток во 12 часот Албанскиот младински оркестар ќе одржи концерт, на 17 јули (среда) Театар Куманово има гостување во Крива Паланка со претставата „Волшебникот од Оз“ по повод „Крива Паланка- Град на културата 2024“, а на 18 јули ќе биде организирана литературна работилница со писателката Јулијана Величковска.

„На литературната работилница децата ќе имаат можност со своето присуство во фоајето на Центарот за култура да научат како се создава, како се пишува една приказна“, изјави директорот Тодоровски.

 

 

 

Коментари

коментар(и)