Деца се уште просат по улиците

Деца на возраст до десетина години наместо во училишни клупи, денот го поминуваат просејќи низ кумановските улици. Тие најчесто можат да се забележаат на семафорите на крстосницата во близина на Градскиот кеј, автобуската станица, плоштадот и пред поголемите маркети. Иако најчесто бегаат и не сакаат да зборуваат за уличниот живот, велат дека не се на училиште, затоа што не ги пуштат родителите.  Од Центарот за ромска заедница, ДРОМ велат дека и покрај нивната заложба овие деца да се повлечат од улиците, состојбата сепак останува непроменета. Додаваат дека во Куманово се уште нема центар за сместување на децата питачи, какви што има во другите градови низ државата.

-Oд оние анализи што ги имавме во Скопје се гледа повеќето деца што ќе бидат земени во прифатните центри после тоа кога се пуштат пак излегуваат на улица, ако биле на еден семафор се префрлуваат на друг или самите родители да ги тераат да питачат. За разлика кај нас прифатен центар таков немаме, што една од тие тенденции да се направи таков прифатен центар  и да се работи со самите родители-изјави Ахмет Јашаревски од ДРОМ.

Јашаревски додаде дека досегашните истражувања покажале дека во Куманово доаѓаат и деца питачи од другите градови.

-Нашите деца од Куманово одеа во Тетово, Гостивар или во Скопје за разлика од  другите градови доаѓаа во Куманово, но сега се гледа дека има и наши деца кои се тука иако укажуваме на тоа да се повлечат, укажуваме на самите родители дури и на терен излегувавме  но тоа пак се повторува, секако дека економската ситуација налага на тоа-додаде тој.

Според Законот за семејство, доколку родителот го наведува детето на питање, Центарот за социјална заштита може времено да му го одземе, односно да покрене постапка за одземање на родителското право пред надлежниот суд, да поднесе кривична пријава и да го згрижи детето до носење на конечната одлука.

Од Министерството за труд и социјална политика информираа дека Центарот за социјални работи од Куманово во изминатиот период забележал 15 деца како питачат на улица. На родителите им се изречени писмени опомени и се донесени решенија за вршење надзор над родителското право. Инаку Министерството поднело 15 кривични пријави, од кои на 5 им се изречени услови казни, а за другите постапката е во тек.

 

 

Коментари

коментар(и)