Димитриевски: Индустриската зона -сериозен финансиски предизвик за општината

„Без поддршка од државата или изнаоѓање на сериозен стратешки партнер , Општина Куманово не може да го реализира со сопствени средства проектот Изградба на индустриска зона во месноста Новине и Речица. Индустриската зона е сериозен финансиски предизвик за општината“ , рече градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советничкото прашање од Зоран Петрушевски во врска со зоната.

-Минатата година градоначалникот јавно изјави дека оваа 2018-та година има намера да почне со урбанизација и изградба на индустриска зона. Од она што го видовме,  во програмата за иднина ништо нема да се направи,  па прашувам  дали е нешто урбанизирано и изградено во таа индустриска зона, праша Зоран Петрушевски, советник

-Никогаш најодговорно тврдам дека немам дадено изјава дека ние во 2018-та година т.е. конкретно јас ќе го реализирам проектот Индустриска зона , Новине и Речица бидејќи тој проект е невозможно да се реализира во една година и претпоставуваме дека тој проект ќе се реализира и во рамки на овој мандат и во рамки на следниот мандат  бидејќи се работи за голем број парцели, голем број на потенцијални инвестиции. За да истиот се реализира во целост препоставувам дека се потребни не милиони, туку милијарди денари инвестиции во самата индустриска зона , а таква можност општината ја нема,  рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Димитриевски објасни дека по извршена експертиза на првично изготвениот проект за индустриската зона било констатирано дека е не целосен односно не биле предвидени сите фази заради што е даден на доработка на фирмата Геинг.

-Сметаме до крајот на годината треба да излезат со доработка на проектот, првенствено да се испроектира мини –пречистителната станица, фекалниот колектор и сите подземни и надземни инфраструктури и постоечките сообраќајни решенија доколку успееме да ги преадаптираме и следната година верувам дека истата ќе биде предмет на поголем интерес бидејќи ние засега имаме само прашања од страна на поедини субјекти кои што се заинтересирани за инвестиции, но немаме ништо конкретно во делот на реализација, освен планирање од нивна страна, рече  Димитриевски.

Во моментов во индустриската зона, како што посочи Димитриевски се реализираат две приватни инвестиции. Станува збор за купени парцели по пат на јавно наддавање од државата.

Коментари

коментар(и)