Димитриевски: Непрописно паркираните возила да се пријават на 192

Во дел од градот постојано се забележуваат непрописно паркирани возила, особено кај станбените комплекси, на што најмногу реагираат станарите. Велат дека најголем дел од паркинг просторите  кои што своевремено биле изградени да бидат во функција на станбените згради се узурпирани од страна на поедници кои што ги користат како локации за препродажба на половни возила или пак од граѓани кои што ги паркираат возилата наутро кога ќе тргнат на работа, а ги ослободуваат местата дури по завршувањето на работното време, се со цел да не платат паркинг услуга во централното градско подрачје. Градоначалникот Максим Димитриевски е запознаен со проблемот на граѓаните, но вели, наместо да реагираат кај него, треба само да го пријават во полиција непрописно паркираното возило.

– Имаме регуларно паркирани возила и дополнително имаме незаконски паркирани возила за кои што самите жители треба да ја известат полицијата на 192, да ги пријават возилата, да дојде пајак возило заедно со полициски службеник и оние што се непрописно паркирани возила да ги отстрани за да се откочи прометот во тој дел или тесното грло во сообраќајот. Но, за жал многупати ми се јавуваат граѓани и на мене да реагираат и да ми потенцираат дека имаат проблеми и нема потреба да се јавуваат на градоначалникот, потребно е да свртат 192 и да ги пријават сообраќајниот прекршител, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Општината редовно превзема мерки за решавање на проблемите во сообраќајот и паркинг просторите, вели Димитриевски, посочувајќи дека има голем број на несовесни граѓани и возачи кои што ја загрозуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот .

„Во изминатиот период бевме принудени да поставуваме т.н. лежечки полицајци, средства за смирување на брзината во сообраќајот, но и дополнителни механизми за да ги оградиме тротоарите од улиците, поставување на пластични или метални столпчиња поради несовесното однесување на дел од учесниците во сообраќајот. Тоа не се сите, но апсолутно една голема група на несовесни возачи“, истакна Димитриевски.

-Не може да се смени се преку ноќ, едноставно одиме фаза по фаза, по приоритети, прво главните булевари, главните улици, а потоа можеби и ќе дојдеме во втора фаза на помалите улици и сведоци сме дека најголем дел од паркинг просторите кои што се изградени своевремено да бидат во функција на станбените комплекси се узурпирани од страна на поедници кои што ги имаат трансформирано во локации за препродажба на стари возила и поради тој недостаток на простор и узурпацијата од страна на ваквите поединци кои што тој промет со возилата треба да го вршат на авто-пазарите, а ги паркираат на овие јавни паркинзи дополнително им отежнуваат на жителите кои што живеат во тие делови на градот да немаат можност да ги паркираат своите возила. И тоа планираме да го уредиме со воведување на втора и трета фаза на паркинг услугите.  Како што знаете, веќе воведовме втора фаза кај сегашната административна служба на МВР или поранешен Дом на АРМ, во план е и третата фаза и по барање на граѓаните кои што живеат во ваквите колективни згради за домување можеме да воведеме систем на наплата на таквите локации, но сепак барањето треба да дојде од граѓаните, рече Димитриевски.

За да се искоренат проблемите на повеќе локации во градот, вели градоначалникот, на Куманово му е потребна сообраќајна студија која што ќе се работи заедно со Генералниот урбанистички план , за кој е задолжено јавното претпријатие „Куманово план“. Првичните информации говорат дека за изработката на ГУП  ќе бидат потребни помеѓу 25 и 28 милиони денари, а над 90 проценти од вкупната сума ќе биде финансирана од буџетот на општината. Инаку, Куманово е град со инфраструктура која што е создадена за околу 8.000 возила, а во моментов во Куманово има над 27.000 регистрирани возила, посочуваат надлежните.

 

 

Коментари

коментар(и)