Донација за болницата од Славјанскиот универзитет

Општа болница Куманово денеска доби уред за дезинфекција со ултравиолетови зраци,  донација од Меѓународниот Славјански универзитет од Свети Николе, а изработен од нивни студенти. Новиот уред за дезинфекција на просториите е мобилен, дезинфицира за многу кратко време, безбеден е за ракување и нема штетни дејства по здравјето за вработените и пациентите, велат иноваторите.

-Пред се,  уредот е мобилен, лесно подвижен низ простории, има сопствено напојување, може да се користи и во протстории каде што нема електрична инсталација, има силни увц лампи кои зрачат 360 степени во сите правци и во период од 15 минути може да дезинфицира просторија од 50 метри квадратни, а за сите останати микроорганизми за 30 минути, се контролира од далечина надвор од просторијата, изјави Ивица Поцков, иноватор, студент на Меѓународен Славјански универзитет

-Продолжуваме со изработка на уреди со цел да обезбедиме што е можно повеќе здравствени установи во Македонија за борба против актуелната пандемија. Побарувачка има, ние колку што сме во можност изработуваме уреди и голема благодарност до вакви компании што финансиски ни помагаат. Уредот вреди помалку од 1.000 евра, изјави Никола Глигоров,  иноватор, студент на Меѓународен Славјански универзитет

Уредот , првично ќе го користи Инфективното одделение на болницата , информира директорката Снежана Захариева. 

– Вообичаено се врши дезинфекција со ув лампи од друг тип, но не е исто со она што она денеска ни е донесено. Досега немавме во сите соби, па носиме подвижна лампа и слично. Ова е многу поефективно и многу побрзо ќе се дезинфицираат просториите, изјави Снежана Захариева, директор на ЈЗУ Општа болница Куманово

Освен што Куманово беше еден од најпогодените од корона кризата, уредот го донираме на кумановската болница и од причина што најголем број студенти на универзитетот се токму од Куманово, рече ректорот на Меѓународниот Славјански универзитет, проф.д-р Ленче Петреска .

– Сакам да им заблагодарам на студентите што во ова тешко време своето време дома го искористија за истражувачка работа. Ние како универзитет, сме општествено одговорна компанија, оваа криза не научи дека треба да се инвестира во здравјето, проф.д-р Ленче Петреска, Ректор на Меѓународниот Славјански универзитет

Ваков уред за дезинфекција од Славјанскиот универзитет веќе е дониран на Инфективната клиника во Скопје и во болницата „8 септември“.

Коментари

коментар(и)