Експресниот пат Ранковце- Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе биде готов до крајот на годината, изјавија денеска директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кои беа на увид на градежните работи. Патот е долг 25 километри, а досега се реализирани 80% од работите. Вкупно за овој пат треба да се потрошат 93,7 милиони евра.

„Во мојата петта недела како министер за транспорт заедно со директорот на ЈПДП излегуваме на терен, сакам да ви кажам дека овие изминати 4 недели ги искористивме за да ги разгледаме ситуациите кои што ги наследивме кои што за жал не се ни малку добри, но и да бараме решенија, затоа што ние бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата пополека ќе доаѓаат едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Можам со задоволство да кажам дека овој проект, овој експресен пат кој што наједноставно кажано треба со модерно патно решение да ги поврзе Куманово и Крива Планака, а со тоа Крива Паланка да ја поврзе и со Скопје, секако тука е и општината Ранковце која што треба да биде поврзана и со Крива паланка и со Куманово, но и со Скопје, да може брзо да се стига од главниот град и до Ранковце и до Крива Паланка како би можел да се развие бизнисот, луѓето да приходуваат повеќе и да остануваат да живеат во местата од кои што потекнуваат. Исто така, овој експресен пат ќе помогне и да се забрза комуникацијата со Софија, да се скрати времето на патување како би се отворил нашиот главен град и кон Софија и како патувањето би дошло на некои пристојни два ипол часа што мислам дека е сосем едно пристојно време за патување помеѓу Скопје и Софија и на тој начин да го отвориме Коридор 8. Можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и веќе после Нова година ќе може да го користат сите жители и на Македонија и на Бугарија и сите остаанти кои што патуваат и на овој начин ќе ја развиавме Македонија. Проблемите се во неработа и во давање на лажни ветувања, точно е дека овој пат делумно е финансиран со заем од Светската банка, тоа се практично наши пари кои треба да ги вратиме, а делумно има грант околу 14 милиони евра, за што сум благодарен, има проблеми со експропријација, со изведба, но тоа е наша работа, мислам дека од нас граѓаните очекуваат решенија, а не образложенија и во следниот период ќе нудиме решенија и ќе ги завршуваме работите“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски

„Денеска сме тука да направиме увид заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николовски, заедно со градоначалникот на општина Ранковце, тука се и надзорите и од ЈПДП  и од останатите субјекти што учествуваат. Овој пат е практично пат кој е во должина од 25 километри поделен на два лота, едниот лот е од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри , вториот е од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Ние сме сега на првиот лот, вредноста на оваа инвестиција целокупната е 93,7 милиони евра со тоа што на првиот лот е 43 милиони евра, а на вториот е околу 50 милиони евра. Како што кажа, работите се започнати 2018- та година, очекуваме дека до Нова година ќе бидат завршени двата лота. Едниот е овој завршен со 71 отсто, вториот е околу 91 посто така што реално очекуваме дека тие ќе бидат завршени. На терен сме постојано и како ЈПДП и како МТВ и нормално голема е помошта од локалната самоуправа, односно од градоначалникот на Ранковце и од месното население. Значи, за да имаме што помалку револт кај населението за да имаат подобри услови  односно да не им се влошат условите кои што ги имале пред правењето на патот, така што овој пат ќе овозможи многу побрза комуникација со Крива Паланка, од Скопје преку Куманово за Крива Паланка и секако ова е дел од Коридорот 8 со кој што се поврзуваме меѓу Софија и Скопје“, изјави в.д директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.

 

Коментари

коментар(и)