Екстерно тестирање на учениците

Во петте средни  и во шеснаесетте основни училишта во Куманово денеска непречено се одвиваше  екстерното проверување на постигнувањата на учениците за тековната 2015/16 година во јунската сесија, информираа денеска, директорите на основните и средните училишта. Тестирањето, според информациите од надлежните на училиштата започнало навреме, без никакви технички проблеми, со претходно опремени кабинети. Учениците денеска одговараа на прашања од различни предмети, кои претходно  ги објави Државниот испитен центар и за кои учениците  беа информирани пред три дена.

Во основното училиште „11 Октомври“  денеска полагаа 342 ученика.

-Eкстерното тестирање се одвива нормално, во четири групи и во четири термини, ќе се полага и во петок , изјави Бобан Ничевски, професор по англиски јазик во ООУ „11 Октомври“ Куманово

Учениците во петок   ќе се тестираат по друг предмет. Државниот испитен центар го објави распоредот,така што учениците се информирани по кој предмет ќе се тестираат.

Поради уписите во средно училиште (28-ми и 29 јуни), резултатите од екстерното тестирање најпрво ќе бидат објавени за деветтодделенците (на 13 јуни), а за сите останати ученици на 17 јуни.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 година со цел да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.

 

Коментари

коментар(и)