Дигитализација на книгите во библиотеката идната година

Дали градската библиотека „Тане Георгиевски“ го следи светскиот тренд за дигитализација на печатените книги и изданија, праша координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Драган Петковски на денешната седница во однос на годишниот извештај за работа и финансиските извештаи на приходи и расходи за минатата година.  Советниците од опозицијата ги интересираше и зошто е зголемен бројот на вработените во јавната општинска установа ако бројот на читателите дневно е зголемен за само неколкумина и на што се должат зголемените расходи на библиотеката.

Директорката на „Тане Георгиевски“, Христина Алексовска одговарајќи на прашањата рече дека трендот за електронско издавање на книгите и достапност на корисниците оди многу споро, надевајќи се дека во иднина ќе го реализираат проектот, но , како што рече, тоа нема да случи до крајот на годинава.

– Не би рекол дека оди споро, напротив мислам дека оди многу бргу и веќе се појавија доста изданија и на македонски јазик и мислам дека е крајно време да преземете нешто по ова тематика, рече Драган Петковски, координатор на ВМРО ДПМНЕ

-Сакам да напоменам дека во годишен план во 2018 и 2019 беше ветено дека ќе има електронско внесување на сите книги, велите дека оди споро, но имате план. Дали нешто има веќе во електронска форма и во кој годишен план можеме да очекуваме дека оваа точка може да биде реализирана, рече Невена Величковска, советник ВМРО ДПМНЕ

– Го разгледав извештајот на библиотеката, од извештајот може да заклучиме дека имате зголемен број на читатели од четири посети дневно, а бројот на вработени зголемен за седум примени на први петти 2019 година со што ги зголемувате расходите во ставка плати близу 2 милиони денари. Која е основната дејност на библиотеката, дали е приоритет вработување на партиски војници или зголемување на книжен фонд и број на читатели, рече Сашо Стошевски, советник ВМРО ДПМНЕ

– Во годишниот план за 2020 година не е предвидено, се надеваме наредната година да се интензивира, се надеваме дека ќе го реализираме. Уште во 2018 година е почната дигитализација на „Наш весник“, тој процес реков оди поспоро, да се надеваме дека ќе го реализираме и ќе биде поактивно во 2021 во годишниот план. Бидејќи имаме нови вработени сите имаме задолжителни обуки кои мора да се поминат, имаме правник и сметководител, сите тие се нови вработени кои тие обуки мора да ги поминат и од тука е таа сума наменета за конференции. Услуги за печатење, оваа година библиотеката издаде книга „Куманово низ мозаик на зборови“ печатена во Скопје и од тука доаѓа сумата, понатаму за течни горива што се спомнува тука спаѓа гасот кој го користи библиотеката, моторни возила, потребите кои што ги имаме,  задолжителни обуки, посети на Националната библиотека, се се сведува на овој трошок кој е тука заведен, рече Христина Алексовска, директор на Градска библиотека  „Тане Георгиевски“

Годишниот извештај за работа на јавната општинска установа во 2019 година беше усвоен со 19 гласа „за“, а финансиските извештаи на приходите и расходите беше изгласан со 18  „за“ .

Коментари

коментар(и)