ЖРК Куманово со бројни успеси до Ноемвриска награда

„Со освојувањето на Купот на Македонија во женска конкуренција, екипата на ЖРК Куманово успеа да дојде до првиот трофеј во својата историја, по осамостојувањето на Македонија и мислам дека заслужено ја добивме Ноемвриската награда“, вели претседателот на клубот, Бобан Пејоски. ЖРК Куманово годинава одбележува јубилеј 90 години постоење, а како најстар спортски клуб во државата , освен освоениот Куп, го одбележуваат бројни успеси и врвни резултати на домашни и меѓународни натпревари во сите конкуренции.

-Сакам во оваа прилика да се заблагодарам на Комисијата за награди при Општина Куманово која ја препозна нашата работа. Во последните 4-5 години се наоѓаме во најдобрите четири екипи редовно во сениорска конкуренција, редовно учествуваме на Европски купови , а оваа година дојде и првата победа на нашиот клуб на еден европски натпревар со победата над Славија, Прага така што на ова би ја додал и работата во младите конкуренции.  Оваа и минатата година учествуваме, односно се натпреваруваме во 4 конкуренции, значи во сите, од пионерска, кадетска, младинска до сениорска. Пред две години бевме прваци во кадетска конкуренција на РМ и таа генерација лани беше вице-првак во младинска.  Оваа година очекуваме таа генерација, младинската да се закити со победник на првенство на Македонија. Исто така, амбиции ни се оваа година со сениорската екипа да освоиме дупла круна значи да дојдеме конечно до посакуваната титула на првак на Македонија, изјави Бобан Пејоски, претседател на ЖРК Куманово  

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија и вицешампион, тимот на ЖРК Куманово е дел и од  регионалното СЕХА натпреварување во женска конкуренција и е единствениот претставник од Македонија. Ракометарките од Куманово се натпреваруваат со ракометарки од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска и Словенија.

-ЖРК Куманово оваа година се натпреварува во Регионална ракометна лига каде што учествуваат екипи од сите поранешни ју-републики. Таму сме во втора група, моментално сме на делба на првото место, натпреварите продолжуваат во јануари и февруари идната година на турнир во Подгорица и на турнир во Зајечар, така што целта е освојување на прво место во нашата група. Исто така би сакал да се заблагодарам на сите оние компании кои се препознаа во овој проект и кои несебично ни помагаат, изјави Пејоски.

Според  Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија, наградата на ЖРК Куманово се доделува поради одличните резултати во ракометот кои што ги остварија во изминатите години, а особено за остварениот трофеј Куп на Македонија во сезоната 2019/2020 година.

Коментари

коментар(и)