(ВИДЕО) Заврши учебната година, учениците одат на распуст

За основците и средношколците денеска е последниот училишен ден во учебната 2020/2021 година. Во Куманово, наставата заврши за вкупно 10.307 ученици од основните училишта и 4.980 ученици од средните училишта. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата, почетокот на наставата беше одложен за 1 октомври. Поради состојбата со коронавирусот, образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – настава на далечина и часови со физичко присуство.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ учебната година ја оценува како специфична, нетипична година за образовниот процес, година со многу потешкотии од здравствен, но и од технички аспект.

-Имавме многу здравствени проблеми, имавме инфицирани ученици, наставници, вработени, паралелки кои заминаа и повеќе пати во изолација, па дури имаше и смртни случаи на вработените во училиштата. Потоа проблеми со онлајн наставата. Знаеме дека учениците од прво до трето одделение беа со физичко присуство во училиштата, другите ученици беа преку онлајн настава, само учениците од средните училишта наставата по практична настава ја реализираа со физичко присуство со одредени здравствени протоколи. Реков, многу тешка, напорна година. Благодарност до наставниците, до учениците и до родителите за истрајноста што ја покажаа во целата учебна година. Имаше многу проблеми, проблеми од типот на немање  ИТ уред, нестабилна или паѓање на интернет конекцијата, потоа мораше и дел од родителите да бидат вклучени , индиректно во помош на учениците од пониските одделенија бидејќи тие имаат таква способност да мора некој до нив да биде при ракување со ИТ уредите, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство ќе утврдува како ќе се реализира наставата од септември во зависност од состојбата со коронавирусот.

-Со нетрпение ја исчекуваме одлуката која треба да биде донесена од ресорното министерство на крајот на месецот јуни за тоа како ќе започне учебната година на први септември за учебната 2021 – 2022 година и доколку не прашувате сите сме сложни и наставниците и ние во Секторот за образование и вработените и учениците и родителите дека онлајн наставата не може да го замени физичкото присуство на учениците и наставниците во училиштата и дека подобри резултати ќе даде и нормално е дека подобри резултати ќе даде наставата кога се реализира со физичко присуство во училиштето, така што искрено се надеваме дека МОН ќе ги земе предвид  сите факти, има многу истражувања на оваа тема и сите сме на ист став дека учениците од месец септември треба да бидат вратени во училишните клупи, изјави Јовановиќ.

Раководителот Јовановиќ посочува дека освен што ќе ја следат епидемиолошката состојба и насоките на ресорното министерство, воедно ќе се подготвуваат и за новиот концепт за основно образование кој стартува за прво одделение и новите наставни содржини за четврто одделение.

 

Коментари

коментар(и)