Завршува обврската за носење зимска опрема

Од денеска граѓаните немаат обврска да носат зимска опрема во своите возила, бидејќи според законските одредби задолжителниот рок трае до 15-ти март. Оваа одлука секоја година започнува да важи од 15-ти ноември, а истата треба да овозможи подобрување на безбедноста во сообраќајот во текот на зимскиот период.

Секое патничко возило кое учествува во сообраќајот на пат надвор од населено место во овој период мораше да има зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 милиметри, или пневматици со летен профил ако возилото во приборот има синџири за снег за погонските тркала или други соодветни помагала.

За возилата со 4×4 погон зимските пневматици мора да бидат со длабочина на шарата од 6 милиметри, а иста е одредбата и за товарните возила и автобусите, кај кои доколку заради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат.

Според новиот закон за безбедност во сообраќајот за непочитување на оваа одредба следува казна од 45 евра во денарска противвредност, или 25 негативни бодови, а ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно возење полицијата може да го исклучи возилото од сообраќај. 

Обврската за носење зимска опрема во возилата останува за оние лица кои патуваат кон повисоките места, како што се зимските туристички центри.

 

Коментари

коментар(и)