Започна вториот уписен рок во средните училишта

Утринава започна вториот уписен рок во средните училишта за запишување на ученици во прва година. Во сите средни училишта во градот има слободни места за заинтересираните кандидати, а бројот на поените за упис е намален. Во техничкото училиште „Наце Буѓони“ најмногу апликации има за здравствената струка, додека најмал е интересот за машинската струка.

– Во електротехничката струка има 13 кандидати од утрово, а останаа уште 39 слободни места, во машинската имаме нови 20 кандидати, останаа уште 17 слободни места и во здравствената имаме 30 нови, а останати 22 слободни места. Поените се спуштени во некои струки повеќе во некои помалку.Одзивот е добар и задоволни сме со учениците, вели,  Катерина Пешевска, професор по македонски јазик и литература во техничкото училиште „Наце Буѓони“.

Во Гимназијата „Гоце Делчев“ има 117 слободни места, 28 од нив ќе бидат пополнети од кандидатите кои во претходниот уписен рок немале доволно поени за упис, а имаат минимални 50 поени. Во економското училиште „Перо Наков“ најслаб е одзивот за текстилната и кожарската струка, а за економско-правната и трговската струка има околу 60 слободни места. Најголем број на непополнети ученички места има во земјоделското училиште „Киро Бурназ“, вкупно 320 за македонски и албански паралелки, а поените за упис се движат од 30 за три години и 35 за четири години.

Коментари

коментар(и)