(ВИДЕО) Започнува првата фаза за гасификација на Центарот за култура

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ деновиве ќе започне првата фаза подготвителни работи за гасификација на институцијата. „Средствата во износ од два милиона и триста илијади денари се обезбедени од министерството за култура, а договорот со фирмата -изведувач веќе е потпишан“, соопшти денеска директорот Сашо Тодоровски.

-Имавме претходно распишано јавна набавка за прва фаза, тоа се подготвителни работи, чистење и демонтажа на дел од постоечката инсталација. Минатата среда го потпишавме договорот со фирмата која што го доби тендерот и мислиме дека во најскоро време, за околу недела дена, веќе сме во контакт со нив, ќе започне реализацијата на првата фаза која би требало да трае два до три месеца се со цел да ја направиме подготовката за да се приклучиме на гасоводната мрежа во Куманово.  Ние не функциониравме во зимските месеци. После „Денови на комедија“ во октомври, ретко се организираат тука настани, така што мислиме дека ова ќе биде од големо значење за центарот за култура, клучно нешто ќе биде да имаме затоплување се со цел да можеме да функционираме. Приоритет, што зборувавме со инженерите ќе биде затоплување на големата сала и фоајето, а постепено ќе се оди и кон гасификација на останатите делови од центарот за култура, тоа се канцелариите и кубусните сали во кои што играат најмалите матични форми во центарот за култура, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „ Трајко Прокопиев“ Куманово

Надлежните предвидуваат институцијата целосно да биде гасифицирана до крајот на наредната година.

-Ни ветија дека ќе бидат одобрени средства за останатата, втората фаза, тоа се правењето на гасна котлара која треба да биде тука во центарот за култра, обезбедени се сите потребни дозволи кои што треба да бидат за таа гасна котлара, меѓутоа тука се локалните избори и нема да можеме да распишеме јавна набавка за втората фаза, така што мислам дека оваа година ќе ја завршиме само оваа прва фаза, а идната година со обезбедување и дообезбедување на средствата за гасната централа ќе распишеме таква јавна набавка и мислам дека идната година конечно ќе имаме успех во гасифицирањето на целата институција , изјави Тодоровски.

Инсталирањето на гасната котлара и поврзување на градската гасоводна мрежа ќе чини околу осум милиони денари, средства што ќе ги обезбеди министерството за култура заедно со Владата.

Коментари

коментар(и)