Започнува проектот „Локална прегратка“

„Локална прегратка “ е проект кој што наредните неколку месеци општина Куманово ќе го реализира на ниво на градот. Проектот се состои од три различни проектни идеи, а целна група ќе бидат лицата со интелектуална попреченост во двата дневни центри во општината,  ученици со интелектуална попреченост кои се вклучени во инклузивното образование во основните  училишта и стари изнемоштени лица. За овие категории на граѓани ќе се грижат 20 невработени лица, ангажирани како ментори на лицата со посебни потреби , образовни асистенти и асистенти на старите лица. Целта е ангажираните лица да дадат придонес во делот на директна помош , оспособување и едукација на посочената група на граѓани. Проектот се реализира во соработка со државата, односно со Агенцијата за вработување на РМ и УНДП.

-Сметам дека тие се еден маргинализиран дел од општеството и на ваков начин даваме голем придонес да истите се чувствуваат соодветно и уважено во делот на секојдневните нивни активности. Иако ова е мал проект сметам дека истиот ќе даде и голем придонес за развој на сеопштата свест кај граѓаните во нашата општина бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми во општеството, за жал имаме голем број на вакви сограѓани кои што не се опфатени со проекти и проектни активности и воедно ја користам оваа прилика да апелирам и до самите родители на ваквите наши сограѓани да бидат похрабри, да се одважат едноставно да се соочат со реалноста и да ги споделат тешкотиите заедно со сите нас. Општината во рамките на своите можности ќе продолжи да дава придонес и да даде значење на овие наши сограѓани , нема да дозволиме да останат маргинализирани ни во општина Куманово ни во државата, изјави Максим Димитриевски м, градоначаланик на Куманово

Проектот  „Локална прегратка“  чини  2 милиони 710 илјади денари, од нив 1.350.000 денари ги покрива АВРМ, а придонесот на општината е 1.360.000 денари. Ангажираните лица ќе добиваат паричен надомест од 9.000 денари месечно за половина регистрирано работно време. За разлика од менторите на лицата со посебни потреби и асистентите на стари изнемоштени лица кои што ќе бидат ангажирани на шест месеци, образовните асистенти ќе работата со учениците девет месеци колку што трае учебната година, велат надлежните.

-Првата проектна идеја се однесува за целната група –лица со интелектуална попреченост во двата дневни центри во општината. За потребите на тие корисници ангажиравме шест лица во вид на ментори за развој на личните афинитети на лицата, помош при осамостојување и извршување на секојдневните работи, така што тука ангажиравме лица кои што се професори по физичко образование, професори по музичко образование, кои што секојдневно работат има резултати. Втората проектна идеја се однесува на целната група – ученици со интелектуална попреченост кои се вклучени во инклузивното образование во нашите основни училишта . Оваа година вклучивме образовни асистенти во пет училишта, тука е индивидуална работа, значи еден образовен асистент на еден ученик со попреченост. Оваа година образовни асистенсти ќе има во Кочо Рацин, 11 Октомври, Толи Зордумис, Магдалена Антова и Наим Фрашери. Третата проектна идеја која е новитет, досега немавме такви активности  во општината кои се насочени кон старите лица . Тука ангажиравме четири асистенти за стари и изнемоштени лица кои што на старите лица им пружаат помош, поддршка во домашни услови, од набавка на намирници, придружба на лекар, помош при социјализација на старите лица и слично , изјави Татјана Стефановска, координатор на проектот

Општина Куманово шеста година по ред учествува со сопствен проект на оваа програма, потенцира координаторот Стефановска. Преку вакви проекти општината се обидува да ја разбуди свеста на граѓаните, на државните институции, но и на приватниот сектор за потребите и помошта која треба да им се пружи на овие категории на граѓани .

 

Коментари

коментар(и)