Зголемена употреба на лекови за смирување

Апчињата  за смирување се на второ место по употреба, по лековите за  висок притисок, покажуваат статистичките податоци на  фондот за здравствено осигурување на ниво на државата за период од шест месеци. Најкористен лек е диазепамот за кој од јануари до јули биле реализирани 502 илјади рецепти , што е за 90 илјади повеќе од лани.  И кумановските фармацевти потврдуваат дека  диазепамот најчесто се користи, а по него  е лексилиумот. Тие додаваат дека освен лекови за смирување секој втор кумановец користи и антидепресиви, а најбарани се хелексот и демитринот. Од одделението на психијатрија пак,  потенцираат дека во последно време употребата на лекови за смирување е зголемена но има тенденција за намалување на нивната злоупотреба.

– Индикационото подрачје за примена на овие лекови е широко освен во психијатрија често се препишувани од интернисти и кај сите т.н. психосоматски заболувања односно онаму каде што стресот е фактор и довел до појава на одредено заболување. Заради можноста за брзо развивање на толеранција и зависност се оди кон се поголеми регулаторни мерки за препишување, дозирање и времетраењето на терапијата. Превенцијата оди со контрола на самото препишување на овие лекови и нивно издавање во аптеките, вели Адриана Богдановска, специјалист по психијатрија.

Лековите за смирување во психијатрија се користат како средства за намалување  на внатрешната напнатост и немир и за ублажување на ефектот на стресот врз организмот. Лекарите објаснуваат дека феноменот на зголемена употреба на овие лекови е поради неедуцираноста на пациентите и барање на инстант решение за проблемите со кои се соочуваат.

– Самомедикацијата допринесува за поголема злоупотреба. Инаку многу мал е процентот на зависници од овие лекови кои не употребуваат друга терапија  но за жал е голем бројот на возрасни луѓе кои не со цел да ги злоупотребуваат туку веќе имаат створено навика кон ваквите лекови, објаснува Богдановска.

При нагло прекинување на употреба на медикаментите за смирување се јавува несоница и  немир, а предозирањето доведува до депресија на центарот за дишење, предупредуваат психијатрите. Тие посочуваат дека здравата исхарана, квалитетниот сон и физичката активност се клучни во борбата со стресот. Амортизирање на личните и општествените фрустрации и водење сметка за балансиран живот е начинот како да се избегне  примената  на  лекови за смирување.

Коментари

коментар(и)