Избран консултант за изработка на план за одржлива урбана мобилност

Општина Куманово објави повик за консултант кој ќе го изработи стратешкиот документ за подготовка на план за одржлива урбана мобилност. Повикот е завршен, избран е консултант кој во рок од една година треба да го подготви овој стратешки документ и да понуди поинакви начини на урбаната мобилност.

Како што соопштија денеска надлежните, стратешкиот документ треба да понуди алтернативни начини на планирање кој драстично ќе се разликува од традиционалниот начин на планирање на сообраќај и транспорт. Новиот начин на планирање се фокусира на луѓе, места, велосипеди, развивање на сите видови транспорт, не само на автомобилскиот, туку и на јавниот превоз, превоз со велосипеди, тротинети.

– Документот што ќе го изработи консултантот треба да понуди модел на планирање со оптимални трошоци и иновативност, кој  ќе ја зголеми удобноста на живеењето, ќе овозможи зголемена мобилност и достапност, ќе придонесе за подобрување на животната средина и здравје на луѓето. Вакви стратешки документи се обврзувачки во градовите од Европа. Планот треба да понуди формирање на пешачки зони, преку редизајн на постојните улици, воспоставување на забранети зони на сообраќај, формирање велосипедски коридори, подобрување на јавниот превоз, изјави овластениот раководител на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис – Јаневска за МИА.

Додаде дека планот е стратешки документ, и истиот ќе даде можност за пристап до нови извори за финансирање.

Минатата година општина Куманово заедно со уште четири општини од државата учествуваше на јавен повик објавен од ЗЕЛС, а поддржан од ГИЗ. Лани беа одржани неколку обуки, донесена е одлука на советот на општината кој ја поддржа изработката на планот. Во наредниот период, по подготовка на планот ќе следи повторна одлука на советот.

Лани беше одржана работилница на која граѓани, претставници на месни, урбани заедници предлагаа решенија за подобрување на урбаната мобилност. Граѓаните дадоа предлози, размислувања како да се подобри јавниот превоз, дали е потребно да се затвори за сообраќај во одредено подрачје од градот, на кои локации се потребни повеќе велосипедски и пешачки патеки, алтернативни начини на превоз во однос на возилата, поздрава животна средина.

Воедно, беше организирана и анкета која беше достапна на веб страната на општината.

Коментари

коментар(и)