Извиднички одред „Скаут“ учествуваше на ДИОН

Извидничкиот одред „Скаут“  од Куманово од 10-ти до 13 –ти октомври годинава учествуваше на Државен извиднички ориентационен натпревар во селото Орел, Свети Николе. Како што информира Моника Спасовска од Скаут, натпреварот се одржува еднаш годишно и претставува највисок натпревар на ниво на државата каде што се оценуваат вештините, знаењата, снаодливоста и издржливоста на извидниците. Извидничкиот одред  од Куманово учествуваше со 11 извидници од кои екипата Архитект во состав на Моника Спасовска, Цветанка Вељковска, Никола Спасовски и Слободан Спасовски освои прво место во категоријата –  ровери, информира Спасовска.

 

Во текот на натпреварувањето биле оценувани на сигнализација (семафор и морзе), прва помош, ориентација, дешифрирање пораки, чворови, цртање скици, профили, градење преноќувалиште , решавање тестови.

Спасовска посочува дека од годинава  Сојузот  на извидници на Македонија го вратил  доделувањето на преносниот пехар за генерален пласман односно одредот кој има вкупно најмногу поени од двете најдобри екипи во две различни категории го добива пехарот до следната година на чување. Извидничкиот одред „Скаут“ како одред со најмногу поени го освои пехарот кој ќе го чува до следниот Државен извиднички оринтационен натпревар. Доколку во следните две години се задржи генералниот пласман, пехарот ќе остане засекогаш во одредот инаку ќе продолжи во рацете на наредногодишните победници.

Спасовска  се надева дека следната година ќе бидат во уште поголем број, поподготвени  и помотивирани на некое ново место во земјава подготвени  за нови другарувања и спомени.

Коментари

коментар(и)