Изгаснати пожарите во липковско

Нема активни пожари на територијата на Куманово. Дождот кој вчеравечер паѓаше во градот и околината ги изгаснал пожарите кои последниве денови ја пустошеа шумата во селата Белановце, Отља и Стрима, информираат надлежните.

Вчера во раните утрински часови вработени во шумско стопанство со две возила излегле на терен во атарот на селото Белановце и поголемиот дел од пожарот го локализирале во текот на денот. Сепак поради непристапен терен, 200-300 метри долж границата со Република Косово пожарот продолжил да беснее.

Исто така , интервенирано е и во селата Отља и Стрима каде околу 80 процени од пожарот бил локализиран уште пред да заврне.

Екипи на шумско стопанство и денеска се на терен бидејќи како што посочуваат надлежните постои сериозна опасност пожарите повторно да се активираат.

За разлика од пожарот кај Белановце за кој се уште не се знае како настанал, за пожарот на потегот Отља – Стрима надлежните се сомневаат дека станува збор за човечки фактор и бараат од МВР да ги пронајде сторителите .

Засега се уште трае проценката од стручните лица за тоа колкава површина е изгорена во шумските пожари кои што го зафатија липковскиот регион  деновиве .

Коментари

коментар(и)