Изложени 40 уникатни слики од Ѓорѓе Шијаковиќ

Четириесет слики и книга за творештвото на авторот се дел од ретроспективно – монографската изложба на Ѓорѓе Шијаковиќ што беше отворена вчеравечер во Уметничката галерија. Според академскиот сликар Гоце Божурски,  станува збор за изложба на уникатни слики од подзаборавен уметник со висока национална и интернационална вредност, која што НУ Музеј ја организира во рамките на здравствените протоколи.

-Иако со малобројно присуство, имаме обврска и должност макар и на ваков скромен начин да му оддадеме на овој наш исклучителен уметник од вонсериски формат, рече Гоце Божурски академски сликар

„Дека се работи за исклучителен автор покажува и неговата разнообразност. Фокусиран е на многу елементи од градскиот живот и особено од современието“, рече Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура и меѓуресорска соработка, потенцирајќи дека станува збор за значајна изложба од национален интерес.

-Сликите се уникатни. Насловната слика со овчарот или со оџачарот , тие и денес можат да бидат бренд или можат да служат како илустрација за било која современа книга дури и графичка новела. Изложбата е значајна и претставува пронаоѓање на заборавени автори, но и нивна валоризација.  По втор пат отворам изложба во Уметничката галерија во Куманово , а посебно е тоа што станува збор за автор чија што биографија фасцинира и заслужува дури и филмско сценарио, рече Алаѓозовски.

Ѓорѓе Шијаковиќ е роден 1901 година, во Цетиње (Црна Гора).

Освен што временски и генерациски е еден од неколкуте основоположници на наивата кај нас, Ѓорѓе Шијаковиќ  заслужува целосен респект, а според квалитетот и вонвременски вредности на  неговото творештво беше препознаван идентитетот на македонската наивна уметност во тогашниот југословенски и меѓународен контекст.

Во раните 70- ти години е сниман документарен филм за него и неговото творештво од страна на француски режисер, кој  на француската телевизија наишол на огромен интерес кај тамошната публика. За жал, кај нас никогаш не е прикажан.

Застапен е во енциклопедијата на наивната уметност во светот.

Добитник е и на повеќе меѓународни награди, како Златен кентаур од Италија, Златна медаља од Академијата за труд од Италија и слично.

Коментари

коментар(и)