Илиевски и Мургашанска најавија сигурна победа во вториот круг, но и откривање на аферите на Димитриевски

Сигурна победа во вториот круг во Куманово, најави кандидатот за градоначалник од СДСМ, Оливер Илиевски. Укажа дека е мала разликата во гласовите, но со поддршка на коалицијата тие ќе бидат сигурни победници.

Тој заедно со носителката на советничката листа, Атина Мургашанска нагласи и дека во наредниот период ќе ги откријат сите афери на Максим Димитриевски.

-Сакам да изразам голема благодарност до сите граѓани на Куманово, што излегоа на вчерашното гласање, да им искажам благодарност и на граѓаните кои гласаа за СДСМ и коалицијата. Овде сакаме да потврдиме дека СДСМ и коалицијата уште еднаш докажаа дека се победници на изборите во Куманово. Вчера на последниот прес кажав дека разликата помеѓу нас, мене како кандидат и нашиот противник во вториот круг ќе биде помеѓу 40 или 60 гласа за едниот или другиот. Видовме дека некој манипулира со граѓаните, имаше некоја грандиозна прослава на плоштадот но таа прослава им се удри од глава од сабајлево, кога стигнаа последните резултати од ДИК и се виде дека разликата помеѓу мене и Максим Димитриевски е 20 гласа. СДСМ имаат коалициски капацитет со тоа што на централно ниво сме во коалиција со ЛДП и ДОМ и гласовите од таму се надеваме и веќе имаме разговарано дека ќе дојдат за нас, исто така имаме коалиција со ДУИ, БЕСА, ДПА и сме сигурни победници во вториот круг. Овде сакам да ги поканам сите граѓани, да не потпаѓаат на манипулации, ние ги повикуваме сите политички партии, и сите граѓани да се вклучат во кампањата на СДСМ и коалицијата, затоа што оваа кампања не е за Оливер Илиевски и Атина Мургашанска, туку е за Куманово. Видовме во последните дебати дека некој во својата програма има проекти, кои самиот кажува дека не може да ги оствари, дека нема доволно средства, а ја видовме и неспособноста во претходните 4 години. Во наредните 12 дена колку ќе трае оваа кампања ќе ги разоткриеме сите манипулации и граѓаните ќе знаат. Видовме и поткуп на гласачи во Куманово, но има многу други работи кои ќе ги соопштиме-истакна Оливер Илиевски.

-Огромна благодарност за сите граѓани кои вчера излегоа и го остварија своето демократско право, а особена благодарност за оние што ни ја дадоа поддршката и покажаа дека победничка, најдобра опција во Куманово останува СДСМ и коалицијата и програмата Најдоброто за нашата општина. 11.727 гласови најголемото, убедливото мнозинство кое го оствари СДСМ и коалицијата се уште еден доказ дека најдобрата програма која црпе свои извори од потребите на граѓаните, одлучи и ефикасни модерни решенија е она што и понатаму опстанува во Куманово. Остануваме и понатаму водечка сила во Советот на Општина Куманово и понатаму сме тука отворени за граѓаните, да ги имплементираме најдобрите политики, да ги решаваме сите проблеми. Ве повикувам да не подлегнете на манипулациите, уцените и во исто таков број да дадеме поддршка во вториот круг за единствениот социјалдемократ Оливер Илиевски, кој ќе биде имплементатор на политиките кои мнозинството на СДСМ и коалициските партнери ќе ги носи во Советот на општина Куманово. Не верувајте на лажните левичари, има само едни социјалдемократи-истакна Атина Мургашанска.

 

Коментари

коментар(и)