„Инклузива“ лиценцирана за лична асистенција

Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од годинава е лиценциран давател на социјалната услуга- лична асистенција за лица со попреченост согласно новиот закон за социјална заштита. Според претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска, бројката на корисниците, но и на персоналните асистенти во Куманово секојдневно расте, а членовите на семејствата на лицата со попреченост можат да се вработат.  

-Досега имаме 17 корисници, а започнавме со четири. На ниво на државата сме лиценцирани само Црвен крст и здружението „Инклузива“ , така што само две здруженија на цела територија на државата е многу малку, ние не можеме да стигнеме насекаде, се трудиме ама сега за сега сме лоцирани само во Куманово со личната асистенција. Оваа услуга е една од најпотребните затоа што нуди поддршка во домашни услови на лица кои што се слепи и лица кои се во инвалидска количка, нуди поддршка во образовниот процес, се однесува на лица кои се над 18 години и се нуди поддршка на работно место и во социјалниот живот, значи лепеза на активности кои до сега лицата со попреченост не можеле да ги спроведуваат самостојно, туку морал некој член од семејството да биде ангажиран со нив. Сега со оваа услуга членовите на семејствата можат економски да зајакнат затоа што можат да работат, а во исто време личните асистенти ја намалуваат бројката на невработеност во нашата општина и во сите општини иако сега за сега е хонорарно ангажирање, но понатаму сигурно ќе се превземат мерки и за решавање на нивниот статус, а асистентите даваат услуга на корисниците да се вклучат во сите редовни текови во локалната заедница и во општеството. Сега за првпат во Општина Куманово има вработено лице кое е слепо, а личниот асиситент му помага при вклучување во работниот процес, изјави Благица Димитровска, претседател на Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ .

Сите средства за оваа услуга се покриени од министерството за труд и социјална политика освен за координаторот на услугата којшто е од здружението „Инклузива“, информира Димитровска.

– Тоа се средства за нивните хонорари, за просторот на здружението и сите материјални трошоци што ги има здружението како што се струја, вода и сите оние работи кои што ние мора да ги имаме за да  ја спроведуваме услуга така што навистина големи средства се добиени од државата и бројката на асистенти постојано ќе се зголемува, немаме ограничување на луѓе колку ќе бидат ангажирани и на колку корисници ќе ја даваме услугата, туку спрема нивните потреби, изјави Димитровска. 

Лиценцата и решението за финансирање на оваа услуга се потпишани на 31 декември минатата година, вели претседателката на „Инклузива“ додавајќи дека здружението по пилот програма на Владата работи од август 2018-та година.

Коментари

коментар(и)