Кај и да си, за Бадник дома да си!

Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот и најрадосниот семеен празник – Божиќ, раѓањето на  Исус Христос. Иако годинава поради пандемијата ќе изостане вообичаеното масовно одбележување на Бадник кое што изминатите години го организираше Здружението на коледари во централното градско подрачје, сепак граѓаните утре во 16 часот  можат да присуствуваат на Бадниковата литургија во храмовите и црквите.

-Бадник сам по себе не е празник, Бадник е препразненство, ден кога будно и свесно овие работи треба да ги истражуваме и да ги размислуваме, а тоа најдобро може да се направи ако отидеме на вечерна богослужба во храмовите која започнува во 16 часот и тука на кратко сите пророштва се изнесени, сите новозавесни исполнувања се изнесени за да влеземе во реалноста поблиску на она што се случило пред 2.000 години и да добиеме и желба од се срце да го прославиме ден Божиќ, пред се со литургија, изјави отец Игор Здравковски, портпарол на КОЕ

На Бадник завршуваат Божиќните пости. Семејството се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси лебче во кое се става паричка и се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Лепчето се дели на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.

Коментари

коментар(и)