КК Куманово со победа над Карпош Соколи

Кошаркарите на Куманово вчеравечер на гостински терен впишаа прва победа во вториот дел од БИБЛ лигата, откако со резултат 106:101 го совладаа составот на Карпош Соколи.

И покрај тоа што американскиот плејмејкер Јонел Браун поради повреда остана на клупа, сепак на остатокот од екипата им одеше доста солидно во текот на целиот меч, па на моменти имаа и разлика од над 20 поени.

Натпреварот го отворија со неколку погодоци за три поени кои им донесоа солидна предност. Во три наврати направија и разлика од девет поени, но сепак на крајот на првата четвртина кошаркарите на Карпош Соколи го намалија водството на 26:20.

Вторите десет минути од средбата, избраниците на тренерот Марјан Србиновски продолжија да го полнаш кошот на домаќините. За само 10 минути Данило Мијатовиќ впиша нови 17 поени, Живановиќ ги погоди сите обиди за тројка, како и Никола Караколев кој во истиот период реализираше девет поени. Семафорот кој на крајот од првото полувреме покажуваше водство од 20 поени дополнително ги мотивираше кошаркарите на Куманово.

Третиот период од играта не донесе ништо ново. Домаќините се обидоа да ја достигнат разликата која кумановци ја направија во првиот дел, но сепак и двете екипи реализираа по 24 поени.

Последните 10 минути од натпреварот донесоа голема неизвесност, откако кошаркарите на Драган Николиќ влегоа во ритам па ја стопија гостинската разлика на еден поен. Во последната четвртина двете екипи реализираа над дваесет слободни фрлања, најмногу Караџовски кој преку нив го спаси својот клуб од поразот кој им дишеше во врат.

Стрелец на мечот секако беше Данило Мијатовиќ со реализирани 27 поени, а двоцифрен број на поени има и главната петорка на тренерот Србиновски. Со 18 поени мечот го заврши капитенот Марјан Јанески, со 16 Караџовски и Караколев, 15 поени впиша Живановиќ, а три помалку Миладин Пековиќ.

Кај домаќините со 25 поени мечот го заврши поранешниот кумановец, Бојан Трајковски, а Соколов со 16, Лабовиќ и Вркиќ па 14, а со поен помалку и Пери.

Двете екипи реализираа вкупно 207 поени, натпревар на два квалитетни состави, натпревар со неизвесност, но и важна победа за кумановци.

Кумановци се на врвот во Д групата од Балканската лига со три победи во низа и шест поени што би значело дека понатамошниот пласман во полуфиналето е загарантиран, а ако добијат уште една победа до крајот на вториот дел од натпреварувањата без сомнеж ќе останат првопласирани во групата.

Следниот меч сино-белите во рамките на БИБЛ лигата го играат во среда на гостински терен против екипата на Пеќ, додека пак во рамките на домашниот шампионат, по надминување со проблемот со МКФ, во сабота гостуваат кај Пелистер.

Коментари

коментар(и)