Крстевски: Да се почитува реонизација при запишување на првачиња

До крајот на месецов трае запишувањето на децата во прво одделение  кои што се родени во 2012-та година  и дечињата родени во јануари 2013-та година. Формално е така, но практиката покажува дека првачињата се запишуваат и во текот на летниот период се до стартот на новата учебна година. Според податоците со кои што располага секторот за образование,  наредната учебна година во прво одделение треба да бидат запишани 1696 деца според списокот добиен од надлежна државна институција, но според анализите направени од основните училишта бројката на првачињата ќе биде помала за околу 90 , односно 1607. Минатата година биле запишани 1160 првоодделенци.

-Што се однесува до списоците кои се доставени до училиштата  секогаш го потенцирам податокот дека се тоа не ажурирани списоци на деца од причини што се даваат податоци колку деца се родени, меѓутоа што со дел од тие деца се случило во периодот од раѓањето до запишувањето во прво одделение каде што се јавува една разлика и која оваа година е околу сто деца во однос на она што е дадено како список врз основа на кој училиштата спрема реоните кои ги покриваат , изјави Жика Крстевски , раководител на Сектор за образование

При запишувањето на учениците во најголем број случаи се почитува реонизацијата, велат надлежните, но постојат и исклучоци поради што учениците кои што живеат подалеку од два километра од училиштето го губат правото на бесплатен училишен превоз .

-Им сугериравме на училиштата дека децата треба да се запишат во матично училиште во реонот каде што припаѓаат затоа што има тендеција деца кои што треба да се запишат во основното училиште Толи Зордумис и Вук Караџиќ се запишуваат во централните градски училишта Браќа Миладиновци и Крсте Мисирков, со тоа што не постои закон кој им забранува на родителите да ги запишат децата каде што припаѓаат,  меѓутоа мора да водат сметка бројот на учениците не смее да биде поголем од она што е предвидено со закон од 25 до 34 ученици во една паралалка. Укажано им е дека не треба да ги кријат тие поголем број на деца туку треба тие истите да се запишат во матичните училишта, тоа не можеме да им го забраниме меѓутоа сугерираме до училиштата да не се борат за деца. Сега генерално бројот опаѓа па е една грчевита борба за што повеќе деца од причини што дел од наставниот кадар може да остане без работа и во одделенската настава и во предметната настава каде што наставниците би останале со помал број на часови, изјави Крстевски.

Надлежните се надеваат дека со реформите што се предвидуваат со новиот закон за образование односно предлогот да се намали бројот на учениците во паралелките од 12 до 20 , наместо од 25 до 34 ученици во една паралелка, наставата ќе биде  попродуктивна, но и ќе се намали притисокот што сега постои кај наставниот кадар поради намалување на бројот на децата во паралелките.

Коментари

коментар(и)