Кружен тек, катна гаража и неколку реконструирани улици


По 15-ти март ќе продолжи имплементацијата на развојната програма на Општина Куманово. Во моментов се реализираат повеќе инфраструктурни проекти, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој посочи дека од пред неколку дена започнало крпењето на дупките, а се довршува и канализациониот систем на улицата „4ти Јули“ која наскоро треба да биде подготвена за нови тротоари и нова асфалтна подлога.

-Исто така улицата Србо Томовиќ и Страшко Арсов, имаме во моментов завршување на проектот на дел од крак од улица Моша Пијаде, кој го затвораме за сообраќај и комплетно се завршува инфраструктурно, во близина на детската градинка и секако она што е предвидено со програмата, завршна фаза сме на завршување на проектот и проектирање на влезот во градот, реконструкција на влезната раскрсница во градот и трансформација на истата во нов, начин на сообраќајно решение, кружен тек во градот и се надевам дека конечно ќе успееме оваа година Куманово да го добие својот прв кружен тек -изјави Димитриевски.

Отворена е и постапка за избор на компанија која ќе влезе во јавно – приватно партнерство со Општина Куманово со цел модернизирање на уличното осветлување преку СМАРТ систем, а во тек е и изградбата на катна гаража.

-Во централно градско подрачје градиме нова монтажна катна гаража во близина на Центарот за култура, исто така прва од ваков вид во нашиот град, се во рамки на развојната програма и во рамки на буџетските средства, со кои што располагаме и секако немаме намера да застанеме тука, верувам дека оваа година ќе работиме и ќе се подготвиме следната година да направиме уште поголем број на инвестици и да ја реализирме програмата која им ја ветивме на граѓаните-нагласи тој.

Куманово годинава слави пет века постоење, но како што вели градоначалникот од 46 села само две имаат решено водоснабдување, што зборува за фактот дека градот има сериозни комунални и инфраструктурни проблеми кои не можат да се решаваат преку ноќ.

Во тек е и изградба на спортско игралиште кај спортскиот комплекс на „Октомвриска револуција“, кое со почетокот на летото ќе им биде ставено на располагање на граѓаните.

Коментари

коментар(и)