„Куманово план “ вработува инженери

Тројца градежни инженери и двајца проектанти урбанисти бара јавното претпријатие „Куманово план“ согласно објавениот оглас за вработување минатата седмица, информира в.д. директорот Горан Митевски. Очекувањата се до крајот на годинава бројката на вработени да изнесува 15.

-Огласот  е распишан во три печатени весници, на 22-ри октомври, во трајност од 15 дена во кој што е наведено каде, што и како да ги добиваат информациите  во просториите на јавното претпријатие „Куманово план “ кое што се наоѓа на улица „Гоце Делчев“ број 34 во комплексот Стар мерак. За сите подетални информации задолжен кај нас е правникот. Им стоиме на располагање на идните колеги за сите информации во однос на конкурсот, изјави Горан Митевски, в.д. директор на ЈП „ Куманово план“  

Во однос на екипираноста, посочува Митевски, на „Куманово план“ се уште му помага Општина Куманово во случаи кога треба да се користат услугите на информатичар или пак на одговорниот за јавни набавки.

„Наредната година можеби ќе има потреба за уште еден или двајца инженери во однос на машинството, гасификацијата, електричната инсталација, животна средина,  но тоа ќе зависи од средствата во Програмата на општината за финансирање на работите на јавното претпријатие“, вели директорот, потенцирајќи дека „Куманово план“  има лиценца за изработка на урбанистички планови и урбанистичка документација и лиценца за изработка на основни проекти од Б категорија.

– Сите проекти се значајни, како што се проектот за Занаетчиски дом, проектот за реконструкција, санација на Стар мерак, Соколана, објекти кои што се обележја на градот, објекти околу урбана опрема, проекти за санација, адаптација на одредени установи, основни училишта, изработка на урбанистички планови, архитектонско -урбанистички проекти, изјави Митевски.

До крајот на годинава јавното претпријатие „Куманово план“ ќе подготви извештај со сработеното, но и информација за изработката на Генералниот урбанистистички план, која што со нетрпение ја очекуваат граѓаните на Куманово.

Коментари

коментар(и)