(ВИДЕО) Кумановските рурални средини без квалитетна вода за пиење

Во повеќе кумановски села водата за пиење не е безбедна. Повеќе од половина од вкупното население во Североисточниот регион се снабдуваат со вода од централниот систем за водоснабдување, 22 проценти од локални водоводни системи и 24 отсто од граѓаните во руралните средини користат вода од сопствени бунари и јавни чешми. Ова се резултатите од спроведеното истражување на невладиното здружение „Мотиво“ за пристап до безбедна вода за пиење, направено врз основа на податоци од Центарот за јавно здравје. Во кумановско, само шест населени места во руралните средини од вкупно педесетина се приклучени на централниот систем за водоснабдување кој го менаџира јавното претпријатие „Водовод“ и користат безбедна вода за пиење. Во останатите во кои има локални водоводи, а најчесто не се во функција или пак вода се користи од бунари, често се евидентира хемиска или бактериолошка неисправност на водата.

Според д-р Мимоза Величковски, со локалните водоводи во руралните средини стопанисуваат месни самоуправи или поединци кои што немаат специјализирано знаење за одржување на системот и за здравстените ризици во врска со водата за пиење. Се соочуваат и со не можност да набават средство за дезинфекција на водата бидејќи не се регистрирани, а кај поголемиот број од локалните водоводи не постои заштитна зона околу изворот. „Отсуството на технологијата за третман на водата, на дезинфекцијата и многу нискиот процент на покриеност со санитација ја доведуваат во прашање безбедноста на водата за пиење во руралните области“, потенцира Величковски.

-Согласно законот ние како јавно претпријатие „ Водовод“  би требале да ги преземеме ваквите инсталации и да менаџираме во иднина со нив. Проблемот се јавува што самите инсталации во најголем дел се работени без соодветна техничка документација. Постоечките мрежи се со голем број на диви приклучоци направени индивидуално од страна на самите граѓани и јавното претпријатие „Водовод“ не е ниту во финансиска кондиција ниту пак има техничка можност доколку ги преземе сите овие веќе претходно инсталирани мрежи кои голем дел од нив се во функција но добар дел од нив поради неажурноста на месното население повеќе не се во функција, ова јавно претпријатие да продолжи да ги менаџира бидејќи и самото има големи финансиски потешкотии и ова ќе биде дополнително оптоварување за самото јавно претпријатие при што би се довело под знак прашање и елементарното снабдување со вода на нашата општина, изјави Максим Димитреивски, градоначалник на Општина Куманово

Дека водата во повеќето бунари е загадена потврдуваат  и жителите во руралните средини  посочувајќи дека дел од нив се заболени од бактеријата ешерихија коли.

Од Општина Кумново посочуваат дека проблемот во дел од руралните средини може да се реши со изградба на дополнителен цевковод за водоснабдување на Куманово од браната Глажња до фабриката за преработка на вода на ЈП Водовод со дополнителни капацитети.

-А дополнително истата мрежа да се разгранува кон селата, со што би се користеле овие количини на вода. Тоа е еден капитален проект кој треба да чини само за примарната мрежа некаде околу 8 до 10 милиони евра. Периодот на имплементацијата е осум години, но повторно истиот тој систем нема да може да ги задоволи од технички аспект потребите на сите рурални средини бидејќи мора да се изработи дополнителна мрежа за дистрибуција на преработената вода до овие рурални средини, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Наспроти ова, граѓаните кои се приклучени на градскиот водоводен систем пијат квалитетна вода.

Со овој прилог, ТВ Плус се приклучува кон кампањата „Разбистри се“ , што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

 

 

Коментари

коментар(и)