Кумановци заинтересирани за студирање во Русија

Претставниците од универзитетите од Финансискиот факултет при владата на Руската федерација, и Факултетот за здрава храна од Москва и Архитектурно-градежниот факултет при Санкт Петербург денеска беа во посета на Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово каде на учениците им ги презентираа можностите кои ги нудат нивните образовни институции.

Гимназијалците имаа можност за интерактивна презентација на руски јазик, а како што вели наставничката Билјана Коцевска интересот на кумановските ученици е голем, за што зборува и фактот дека досега дваесетина кумановци минале низ високото образование на Русија.

– Досега поминале повеќе од 20 наши ученици, денеска е присутен Милош Гелиќ, кој веќе е специјалист кардиохирург, на архитектонскиот факултет моментално имаме четири наши ученици кои студираат таму и чувствата се преголеми затоа што ние ги учевме тие деца таму четири години, а сега ги учат нашите колеги од Русија, изјави Коцевска.

Претставничката на порталот за руско образование „Раша стади“ Самолеја Давидовна Арахамија, вели дека интерес за студирање на Македонците на руските универзитети има, но не доволно.

– За жал не многу, но се надевам дека со презентациите кои следуваа ќе има поголем интерес, рече Арахамија.

Архитектонскиот факултет моментално во Русија го изучуваат петмина македонски студенти , од кои дел и од кумановската гимназија.

– Особено голем интерес се пројавува кај градежниот и архитектонскиот факултет. Секако дека архитектурата е традиционално подобра за македонските студенти, меѓутоа исто така има интерес и за градежниот, каде што нудат најнови иновации, изјави Вероника Артемева од Универзитетот за архитектура и градежништво во Санкт Петербург.

Над 1.500 студнети од 63 држави во светот студираат во Русија на Финансискиот универзитет каде во моментов сепак нема ниту еден Македонец.

– Во овој универзитет веќе има студенти од 63 држави од светот и тие се задоволни од учењето на овој универзитет, затоа што е еден од најстарите и еден од најпрестижните во Русија. Во овој момент зажал нема македонски студенти, меѓутоа по завршувањето на овие презентации се надеваме барем на еден македонски студент, вели претставничката од финансискиот универзитет.

Студенти од Македонија, нема ниту на Универзитетот за здрава храна во Москва, каде има 37 специјалности и седум програми во областа на информатика и медицина.

Претставниците од високите образовни установи во Русија по презентацијата во Гимназијата „Гоце Делчев“ се сретнаа и со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, а вчера беше одржан и саем на кој кумановските ученици во Скопје се запознаа со можностите на рускиот образовен систем.

Коментари

коментар(и)