Кумановци несебично помагаат на поплавените

Граѓани на Куманово, волонтери од невладини  и граѓански здруженија, од црвениот крст, припадници на полицијата и АРМ веќе неколку дена несебично помагаат во расчистување на поплавените домови во скопскиот регион. Велат она што го виделе таму нема да го заборават до крајот на животот. Толку кал, но и непријатна миризба од тињата во дворовите и во домовите не виделе ниту почувствувале  никогаш претходно. Во моментов најпотребни се средства за дезинфекција, порачуваат волонтерите од Кумановски акцијаши кои што и денеска помагаат во Ченто, Економија и Стајковци.  Како што информира Звонко Величковски од лице место, расчистувањето на поплавените куќи и останати објекти би одело побрзо доколку има поголема организираност и координираност на теренот.

Освен средства за дезинфекција, на населението во поплавените подрачја  потребни им се и  конзервирана,  бебешка храна и пелени, вода за пиење, средства за хигиена.

Волонтерите  ги повикуваат граѓаните на Куманово, коишто се физички и здравствено подготвени на заедничка ударна акција за расчистување на теренот на сите критични точки.

„Превозот е организиран , секое утро во 08 часот се тргнува од  пред општинската организација на црвениот крст. Алатки за работа и храна се обезбедени, потребни се само доброволци, изјави Богољуб Тодоровски , волонтер од Куманово

Граѓаните кои што сакаат да донираат својата помош може да ја достават на двата пункта на црвениот крст во Куманово, лоцирани  на градскиот  плоштад и пред зградата на поранешен комитет, од 08  до 20 часот.

Кумановци кои што живеат или работат во Скопје, помошта може да ја  предадат  во магацините на Црвениот крст на РМ во Момин Поток  од 08,00 до 18,00 часот.

Во акцијата која што ја организираше Иницијативниот одбор на граѓани за помош на поплавените беа собрани 1000 пакети со флаширана вода и околу 400 пакети со храна и средства за хигиена. Помошта пред два дена  со камиот беше доставена во Скопје.

Заинтересираните правни субјекти и граѓани дополнително можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош со уплата на Жиро сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка или со донирање 100 денари преку телефонски повик на 143 400 преку сите мобилни оператори.

 

Коментари

коментар(и)