Кумановци со поддршка за унитарноста на државата

Кумановци синоќа уште еднаш испратија порака дека се против воведување двојазичност и промена на Уставот во државата. Тие по петнаесети пат се приклучија на маршот кој го организира граѓанската иницијатива За заедничка Македонија. Граѓаните овој пат тргнаа од две различни локации, дел од нив од Спортската сала а останатите од населбата Перо Чичо, по што поминаа пред домот на пратеникот Оливер Спасовски, за да на булеварот Октомвриска револуција се приклучат на останатите.

Како и претходните вечери и овој пат маршот заврши на платото пред Центарот за култура. Пред присутните се обрати Стојанчо Стефановски кој  упати апел сите граѓани кои се против уништување и разнебитување на  Македонија, да излезат и да им се придржат на улица. Тој побара поддршка од сите институции, сили, спортисти јасно да ја отфрлат албанската платформа и да му дадат поддршка на претседателот Иванов, да не подлегне на притисоци од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и останатите.

-Пак ни доаѓа Јоханес Хан и цела една банда од бирократи со дебели пари доаѓаат да ни солат памет и да ни кажуваат дека нешто што не е добро за Македонија треба да го прифатиме. Бараме од нашите политички претставници да не подлегнуваат на уцени, закани притисоци јасно и гласно да бараат да се осуди и отфрли албанската платформа пишувана во Тирана оти ако тоа нема да го направат ќе сметаме дека не и мислат добро на Македонија и дека нема повеќе со нив да се разговара оти на нас не ни е потребна таква ЕУ која не  не признава како Македонија и европски народ-истакна Стефановски.

Тој посочи дека само со масовна излезеност може да им се застане на патот на оние кои сакаат да ја редефинираат Македонија.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)