„Купи куќа за млади“ промовиран во Куманово

Граѓаните на Куманово вчеравечер имаа можност да се запознаат со поволностите на проектите „Купи куќа за млади “  и „ Купи куќа,  купи стан“ во организација на министерството за финансии. Првиот проект се однесува на младите до или со наполнети 35 години кои можат да добијат до 33.000 евра субвенција од Владата за купување, изградба или надградба на куќа. Заинтересираните можат да изберат еден од двата модела  „Субвенција на рата„  или  „Субвенција на учество “ . Преку првиот модел , Владата плаќа 80 проценти од месечната рата во првите 8 години и 50 проценти од ратата во 9-та, 10-та и 11-та година од периодот на отплатата. претставникот на надлежното министерство го појасни и вториот модел.

– Владата го субвенционира целосниот износ од учеството кое што не смее да надмине 25 проценти, во овој случај 25 проценти од  50.000 евра се 12.5000 евра и Владата и овозоможува субвенција од 12.500 евра, исто така преку овој модел вие дополнително заштедувате со повластени каматни стапки од 2.000 до 3.000 евра, рече Виктор Лазаревски, претставник на министерство за финансии

Надлежните ги информираа кумановци дека можат да изберат еден од шесте типски готови проекти  кој што може да се земе бесплатно од министерството за транспорт и врски, а со тоа се заштедуваат од 1.000 до  2.000 евра на идеен и изведбен проект за куќа.  За краток временски период министерството ќе понуди уште шест дополнителни вакви типски проекти.

Граѓаните најмногу се интересираа како да обезбедат плац  за изградба на куќа во општината.

Општина Куманово не располага со плацеви за овој проект. Доколку бидат донесени нови урбанистички планови во нив секако ќе бидат предвидени ваков тип на градежни парцели, велат од секторот за урбанизам.

Освен овој проект, пред кумановци беше презентиран и „Купи куќа, купи стан“.

За владините проекти граѓаните може да аплицираат во осум деловни банки.

Коментари

коментар(и)