Левица повикува да се бојкотира референдумот

„Договорот на Македонија со Грција е националистички, а зачленувањето на нашата држава во воениот сојуз НАТО, би нанело штети врз интересите на граѓаните“, истакнаа денеска од општинската организација на Левица. Петар Чуриќ наведе дека договорот е несразмерен, бидејќи повеќето од обврските се пропишани за исполнување на македонската страна, со што се почитува правото на посилниот, а не правото на еднаквост. Во овој случај правото на Грција која од позиција на моќ ги уценува граѓаните на Македонија да го сменат одбраното име на својата република.

-Што е најстрашно што се постигнува со овој договор, тоа е дека се легитимира и легализира грчкиот национализам во однос на македонското прашање, односно просто прашање се укажува дека грчкиот национализам бил цело време во право, во однос на македонското прашање. Она што е важно да се истакне дека се брза со донесување на овој договор заради иманентното зачленување на Македонија во воениот НАТО сојуз-нагласи Чуриќ.

Според него зачленувањето на Македонија во НАТО, партијата на власт го брани со тези дека ќе има економски бенефит за граѓаните, ќе се зголеми безбедноста и ќе се сочуваат демократските институции и правото на говор.

-На пример Република Бугарија е членка на НАТО од 2004 година и на ЕУ од 2007 година за на крајот на 2017-та просечна плата  таму да биде 440 евра, а од Бугарија да се иселат повеќе од 2 милиони граѓани. Со ова одговорот сам се наметнува, дека НАТО не е гарант за економски просперитет на граѓаните и државата, односно гарант за такво нешто се исправните политики што треба да ги носи владата и политичката пракса што гледаме дека и оваа влада не носи исправни политики кои се во корист на граѓаните и на работници, туку во корист на владејачката класа односно на великопоседниците и нивната политичка пракса исполнета исто како и на претходната влада со низа корупции, злоупотреба на народните пари, местење на тендери и слично-тврдат од Левица.

Левица наведе дека Турција како една од најголемите членки на НАТО е пример за непочитување на демократијата, човековите права, што значи дека воениот сојуз не може да гарантира такво нешто. Срамен и хушкашки чин, според Чуриќ е и тоа што власта тврди дека доколку државата не стане членка на НАТО во Македонија ќе се случи меѓуетничка војна.

-И ова не е вистина, НАТО не се меша во меѓуетнички и внатрешни конфликти на државите членки. За пример ја имаме Турција со курдското работничко движење, Шпанија со Баскијците, Велика Британија со Ирците и т.н. Во сите овие држави НАТО не се вмеша во внатрешните меѓуетнички судири во коишто беа тие држави-додаде тој.

Чуриќ од Левица заврши со тоа дека на лагите и манипулациите граѓаните најдобро можат да одговорат со масовен бојкот на референдумот.

 

 

Коментари

коментар(и)