Лоши се условите на градските гробишта

„Катастрофална е состојбата со градските гробишта. Насекаде има смет, патот е полн со вода, нема стази помеѓу гробните места, нема ниту паркинзи“, ова го истакна советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Шандева Доневска на седницата на Советот. Таа ги праша надлежните дали имаат проблем со недостаток на вработени или ресурси и дали планираат да преземат нешто за решавање на овој проблем.

-Секој еден до нас оди таму, тоа е наша должност и почит кон покојните за две и пол години ние досега ниту збор не кажавме за состојбата на градските гробишта. Во програмата не видов ништо за нив, за оние кои што не знаат станува збор за место кое е кааливо, патот е полн со вода, не можат да стигнат до гробните места, ѓубре во енормни количини, и вчера што видов до едни метални буриња сметот се пали и се гори. Во моментот кога имаме загадување што е навистина еден проблем кој ме натера да зборувам на оваа тема. Стази помеѓу гробните места нема, паркинзи нема, реални да сме станува збор за катастрофална состојба-истакна таа.

Директорот на јавното претпријатие Чистота и Зеленило кое стопанисува со градските гробишта, Даниел Стојчевски одговори дека навистина е лоша состојбата бидеќи има поголеми колични смет. Тој нагласи дека како јавно претпријатие презеле одредени мерки.

-Поставивме дополнителни садови за смет, меѓутоа се обидовме низ разговор со граѓаните и затворање на отворени приоди на градските гробишта да го спречиме внесувањето на сите оние работи кои ја пратат христијанска традиција, за жал не успеваме доволно во тоа, имаме поголеми количини на смет. Само како една компарација би сакал да кажам дека јавното претпријатие стопанисува и со православните но и со муслиманските гробишта. За разлика од православните на муслиманските гробишта имаме една ситуација каде што имаме редовно чисти гробишта, може да отидете и да ги видите, редовно се чисти и нема никакви проблеми, за жал при христијанските гробишта нашата традиција е таква се внесува преголема количина на цвеќиња, храна, пијалаци и при еден ветер тоа се разнесува и имаме една навистина лоша ситуација каде што работниците кои што се ангажирани на самите градски гробишта не можат да постигнат да исчистат-нагласи тој.

Стојчевски дополни дека се работи на проширување на градските гробишта. Јавното претпријатие Куманово план е задолжено да го направи проектот. Директорот одговори дека размислуваат и на проблемот со недостаток на паркинг места, но и за санација на постојната капела.

Коментари

коментар(и)