Мерката откуп на стаж- неповолна за кумановските стечајци

Можноста за докуп на стаж  нема да го реши долгогодишниот проблем на работниците од пропаднатите фирми, велат од Здружението на стечајци, Унит од Куманово. Кумановските стечајци се обесправени, објаснуваат од Унит бидејќи треба да плаќаат 2 800 денари месечно за придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, а годините кои ги поминале работејќи не влегувааат во работниот стаж. Тие велат дека тапкаат во место и немааат средства за докуп на стаж, а од друга страна пак, не се во можност да го остварат правото на пензија.

 -Сите работници имаат стаж одработен во работничката книшка, а Владата ако сакаше да помогне можеше само да го признае тој одработен стаж и така луѓето ќе дојдоа до пензија. Секој нема да плати 2800 денари за доплата на стаж,а го има одработено, вели Љиљана Ѓеорѓиевска, претседателка на Здружението „Унит“.

Околу 500 стечајци регистрирани во Здружението Унит имаат дупка во работниот стаж. Додека работеле во компаниите кои денес се во стечај или ликвидирани не им биле плаќани  придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.

-Стечајни работници имаат одработено, на пример имаме стечаец со 35 години работен стаж, а само 16 години му се платени така што јас не гледам никаква помош од Владата само полнење на буџетот, вели Ѓеорѓиевска.

Од Министерството за труд и социјална политика, објаснуваат дека граѓаните со правото на докуп на стаж ќе можат да го остварат своето право на пензија или пак на повисока пензија.  Според нив  процедурата е многу едноставна, преку поднесување на барање, осигуреникот ќе може да го оствари правото на плаќање на социјалните придонеси, тој стаж ќе се утврди во матичната евиденција  и соответно на тоа ќе може да оствари право на старосна и индвалидска пензија.

Коментари

коментар(и)