Студиото „Нате“ од Куманово доби диплома и пехар за успешно претставување на својата креативност и на македонскиот фолклор на Интернационалниот фестивал на фризура, мода и убавина, кој викендов се одржа во Софија, Бугарија.
Сопственичката Наташа Додевска информира дека на саемот, покрај со фризура и шминка, се претставила и со свое шоу проследено со музичка кореографија.
Таа била единствен претставник од Македонија и покрај делот од професионалната работа, го претставила и фолклорот на нашата земја.
Нејзиното шоу траело 30 минути и како што вели Нате, предизвикало големо внимание и честитки од останатите учесници и публиката. Во реализација на точката и помогнале моделите Анастазија Јовановиќ и Магдалена Васевска, етнокореолог Марко Младеновски и кореографот Наталија Ѓуровска, како и играорци од КУД „Карпош.
Инаку, на саемот учествувале фризери од Европа и Балкан.
Додевска смета дека можеби е време да организира фестивал на фризери и козметичари во Куманово, на кој би ги поканила колегите од регионот и пошироко. Верува дека нејзината идеја ќе добие поддршка од Општина Куманово, Занаетчиската комора и бизнис заедницата.
Студиото „Нате“ работи од 2001-та година, а од пред пет години има регистрирано Академија за фризери, прва во градот, која е лиценцирана од Министерството за образование и наука.