(ВИДЕО)Министерот Никола Селаковиќ во посета на ОУ „Светозар Марковиќ“

Основното училиште „Светозар Марковиќ“ во општина Старо Нагоричане е единственото училиште во државата во кое наставата целосно се изведува на српски јазик од прво до деветто одделение. По тој повод, министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ, ден пред официјалната посета на Македонија и средбите со државниот врв го посети училиштето и понуди помош за подобрување на условите за работа на вработените и следење на наставата од учениците. Во придружба на Селаковиќ беше и амбасадорката на РС во Македонија, Невена Јовановиќ. Министерот за надворешни, Селаковиќ на дечињата од српската заедница им додели пригодни подароци.

-Благодарни сме на РСМ што на припадниците на српското национално малцинство му овозможува да учат на нивниот мајчин јазик во основното училиште, а имав прилика и да се сретнам со директорката и со градоначалничката на Старо Нагоричане, да сослушам во какви услови тие работат, во какви услови учат децата и да видиме како ние како министерство за надворешни работи на РС, Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот можеме да помогнеме во подобрување на тие услови. И во РС ние се трудиме што е можно повеќе да ја намалиме разликата помеѓу руралните и урбаните средини, на децата без разлика каде и да живеат да им овозможиме да одат на училиште и во нив да учат, трудејќи се тоа да биде приближно на она ниво на кое што се училиштата во големите градови и тоа е нешто што го заслужуваат сите деца. Ќе видиме кои се потребите на училиштето, како можеме како Влада на РС и министерство за надворешни работи на РС да помогнеме, секако се во договор и во согласност со Владата на РСМ, која за нас е пријателска држава, со која имаме исклучиво добри односи и сакаме тие односи и понатаму да ги продлабочуваме и унапредуваме. Ние се гордееме со фактот дека припадниците на македонското национално малцинство во Србија уживаат широк спектар на малцински и граѓански права, децата од македонско национално малцинство доколку сакаат можат на својот мајчин јазик да следат настава во основните училишта и мислиме дека тоа е одлика на два добри соседа, на две држави кои имаат меѓусебно почитување и се трудат да негуваат добри односи, а секоја нова генерација на функционери и политичари  треба  да придонесува за зајакнување на тие односи и од своја страна максимално ќе се трудам да го сториме тоа и овојпат, изјави Никола Селаковиќ, министер за надворешни рабори на Република Србија

Во училиштето оваа учебна година учат 96 ученици, од кои 72 ученика од централното и подрачното училиште во селото Никуљане следат настава на српски јазик, додека во подрачното училиште во селото Алгуња има 24 ученици со настава на македонски јазик, информира директорката на ОУ „Светозар Марковиќ“, Маја Марковиќ.

-Го информиравме министерот дека ни недостигаат смарт табли, лектири на српски јазик, кажавме дека треба да се обноват некои работи што се однесува до уредувањето на училиштето. Училиштето се обновува постепено, меѓутоа обнова на фасадата е една од тие работи која е неопходна и заради изгледот и заради енергетската ефикасност. Министерот Селаковиќ понуди помош и се договоривме уште утре да испратиме список на работи кои што ќе можат да ни ги достават и да придонесат за подобрување на условите за следење на наставата на нашиот јазик во училиштето, изјави Маја Марковиќ, директор на ОУ „Светозар Марковиќ“

Првото училиште „Светозар Марковиќ“ било изградено далечната 1924 година. Но, во училишната 1964/1965 година училиштето добило нова зграда во која наставата се изведува и денес, а тогаш биле запишани 307 ученици.

Последниве години бројката на запишаните ученици постепено опаѓа, како и во останатите училишта во земјава и се движи околу 100.

Училиштето секоја година го прославува и Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија како училишна слава.

 

Коментари

коментар(и)