МОН работи на отворање ново училиште

Министерството за образование и наука ги презеде сите активности и се координира со останатите институции за да им се овозможи на средношколците од кумановската гимназија „Сами Фрашери“ да се префрлат од објектот на поранешниот ЗИК, каде што сега се изведува наставата, во поранешната касарна „Христијан Тодоровски-Карпош“, рече министерот Арбр Адеми, одговарајќи на новинарско прашање, вчера пред почетокот на јавната дебата за нацрт законите за основното образование и за наставници и стручни соработници.

-Tри објекти од поранешната касарна се во сопственост на МОН, како институција сме во постојана комуникација со Агенцијата за просторно планирање каде се изработува ДУП-от и заедно со неа и со Министерството за транспорт и врски работиме на административните постапки. Потоа МОН, ќе распише јавна набавка за техничка документација, а потоа и  јавна набавка за реализација на градежни активности. Очекувам дека овие административни пречки ќе бидат набргу надминати, изјави Арбр Адеми, министер за образование и наука.

Иницијатива за изградба на средношколски училишен центар во кругот на поранешната касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Бедиње, Општина Куманово поднела уште минатата година до Министерството за образование и наука.

Инаку, во кругот на касарната се наоѓа средното стручно училиште „Перо Наков“ на албански наставен јазик и дисперзираните студии на Тетовскиот универзитет, а неодамна беше пуштена во употреба  и нова спортска сала за потребите на учениците.

Коментари

коментар(и)