Над петстотини илјади граѓани попишани досега

„Пописот се одвива со посакуваниот интензитет, нормално, без никакви застои и без никакви проблеми“, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.

Попишувачите им даваат втора шанса на оние коишто не сакаат да е вклучат во статистичката операција. Со нив се разговара и попишувачките тимови ги убедуваат дека треба да се попишат.

„Сè уште не применуваме никакви санкции и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме да ги убедиме тие луѓе дека онаа пропаганда што е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации и целта е сосема друга, а не она што сакаме да го постигнеме“, вели Симовски.

За некој да биде попишан потребно е да поседува валиден личен документ. Таму каде што недостига некој член од домаќинството, вели Симовски, попишувачите договараат термин кога тоа лице ќе биде присутно за повторно да отидат и да го попишат.

Во текот на вчерашниот ден се попишани 93 235 лица, 29 491 домаќинство и 40 155 станови. Од почетокот на пописот на 5 септември, досега се попишани 512 457 граѓани, 158 519 домаќинства и 212 464 станови.

Коментари

коментар(и)