На седум дена намалена изолацијата или карантин

Владата го намали периодот на изолација за лицата заболени од КОВИД-19 како и периодот на самоизолација/карантин на лицата кои биле во близок контакт со потврден случај.  Лицата кои се позитивни на коронавирусот, а немаат симптоми на болест, им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита како носење заштитна маска при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање.

За лицата кои се позитивни на КОВИД-19 и развиле симптоми, ќе им се одредува изолација седум дена од денот на тестирањето, плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура.

„Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на КОВИД-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од седум дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита“, појаснуваат од Владата.

Оттаму посочуваат дека исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин треба да има за вакцинираните против КОВИД-19 со две или три дози, со тоа што од последната доза не поминале повеќе од шест месеци, или ако го прележале вирусот, а позитивниот тест не е постар од шест месеци.

Лицата кои се блиски контакти, а кои се вакцинирани или го прележале вирусот се исто така исклучени од самоизолација/карантин, но како што истакнуваат од Владата, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

 

 

Коментари

коментар(и)