Неизвесно одржувањето на локалните избори

Денеска истекува рокот кога Собранието треба да ги распише локалните избори, кои треба да се одржат во првата половина од месец мај, меѓутоа во услови без избран претседател на Собрание нема кој да ги распише со што нивното одржување е довеедено во прашање.

За да се испочитува рокот за локалните избори, денеска би требало да продолжи конститутивната седница каде би се избрал и претседател на Собранието, па тој да ги распише изборите, во спротивно истекуваат мандатите на градоначалниците и советниците.

Според Уставот и Изборниот законик денеска е последниот рок за распишување на локалните избори. „Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.

Според предвидената законска рамка од денот на распишување до денот на одржување не треба да поминат повеќе од 90 или помалку од 70 дена.

Според амандманот 16, собранието има можност со двотретинско многизнство да изврши измени во Изборниот законик.

„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, се вели во амандманот 16 од Уставот.

Доколку се донесат ваквите измени на законот тоа ќе важи само за овие избори.

Доколку локалните избори не се одржат, а не се направат измени се доведува во прашање и функционирањето на локалните самоуправи, а во период кога нема ниту Влада, единствен раководен орган во државата останува претседателот.

Коментари

коментар(и)